ПОВЕЌЕ

    Азески од Брисел: Корупцијата и сивата економија се најголемата кочница за бизнисот на Западен Балкан

    Време зa читање: 2 минути

    Корупцијата, сивата економија и нефункционалната администрација и натаму се најголемите кочници за развојот на бизнисот во земјите од Западен Балкан. Ова беше една од клучните пораки што претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, ја упати на дебатата за проширување на Европската Унија, организирана од Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК) во Брисел.

    На настанот, на кој учествуваа повеќе од 500 претставници на европските институции, бизнис-заедницата, социјалните партнери и граѓанските организации од земјите членки на ЕУ и од земјите кандидати, Азески настапи како претставник на приватниот сектор од Западен Балкан.

    Во своето обраќање тој посочи дека истражувањата покажуваат оти повеќе од 90 проценти од компаниите во регионот ги посочуваат корупцијата, сивата економија и неефикасната администрација како најголеми пречки за развојот на бизнисот и за нови инвестиции.

    Според него, дополнителен товар за компаниите претставуваат недоволно развиената гасна и транспортна инфраструктура, како и слабостите во функционирањето на правната држава, што директно влијаат врз конкурентноста на економиите во регионот.

    Азески нагласи дека европската интеграција на Западен Балкан не треба да биде само политички процес, туку да биде проследена со конкретни економски реформи кои ќе создадат предвидлива деловна средина, ќе ја подобрат конкурентноста на компаниите и ќе овозможат побрзо интегрирање на регионот во единствениот европски пазар.

    Дебатата ја отворија претседателот на Европскиот економско-социјален комитет, Шејмус Боланд, и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Во своето обраќање Кос порача дека проширувањето останува еден од клучните стратешки приоритети на Европската Унија, при што акцентот ќе биде ставен на безбедноста, економскиот раст, подготвеноста на земјите кандидати и социјалната кохезија.

    Европскиот економско-социјален комитет е советодавно тело на Европската Унија кое ги претставува работодавците, синдикатите и организациите на граѓанското општество, овозможувајќи нивните ставови да бидат вклучени во процесот на креирање на европските политики.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично