ПОВЕЌЕ

    Продажба на линија за кабли од 236.000 евра без трага во деловните книги – кривични за три лица и фирма

    Време зa читање: 3 минути

    Продале производствена линија за кабли и инакасираните 236 илјади евра не ги запишале во деловните книги. Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против три физички лица и едно правно лице поради сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ од член 279 од Кривичниот законик. Според наводите, со неевидентирани трансакции и непријавени даночни обврски државниот буџет бил оштетен за 4.677.362 денари, односно за 76 илјади евра.

    Како што соопшти Финансиската полиција, првопријавениот Д.П., во својство на управител, заедно со второпријавениот Г.З., сопственик и овластен потписник на банкарската сметка, и третопријавениот И.Ѓ., поранешен сопственик на правното лице, во април 2024 година договориле и реализирале продажба на линија за производство на кабли во вкупна вредност од 14.514.000 денари (236 илјади евра), но трансакцијата не била евидентирана во сметководствената документација на компанијата.

    Според истрагата, дел од средствата од продажбата, во износ од 2.701.189 денари (43,9 илјади евра), биле префрлени на лични банкарски сметки и на сметки на блиски лица, без да бидат прикажани во деловните книги на фирмата.

    Дополнително, дел од продажбата бил реализиран преку компензација со патничко моторно возило во вредност од 1.537.500 денари (25 илјади евра) и кабли во вредност од 1.516.500 денари (24,6 илјади евра). Според Финансиската полиција, ниту возилото ниту каблите не биле евидентирани во сметководствената евиденција, а при контролата не биле пронајдени кај правното лице.

    Во пријавата се наведува и дека управителот, во име и за сметка на компанијата, не ги отпишал ниту ги оданочил неплатените обврски кон домашни и странски добавувачи од 2022 година, кои изнесувале 17.380.716 денари (282,6 илјади евра).

    Со овие дејствија, според Финансиската полиција, не биле пресметани, пријавени и уплатени: 272.970 денари (4,4 илјади евра) ДДВ; 3.764.991 денар (61,2 илјади евра) данок на добивка; и 639.401 денар (10,4 илјади евра) данок на личен доход.

    За случајот понатаму ќе постапува Основното јавно обвинителство Скопје.

    Според податоците објавени на веб-страницата на Управата за финансиска полиција, од почетокот на годинава па досега се поднесени 44 кривични пријави и пет иницијативи. Во тие предмети е евидентирана вкупна штета и противправно стекната имотна корист од 3.348.111.140 денари (54,4 милиони евра), додека вредноста на замрзнатиот имот изнесува 38.111.256 денари (619,7 милиони евра).

     

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично