Низ Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, во првата половина од годинава минале 1.955.648 патници, за 28 насто повеќе во споредба со истиот период лани. Истовремено, реализирани се 13.167 летови, односно 7,6 насто повеќе на годишно ниво.
Само во јуни двата аеродроми опслужиле 374.714 патници. Во овој сегмент е забележан раст од 15,6 насто.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, оценува дека ваквите резултати се потврда за силниот развој на воздушниот сообраќај во земјата.
„Растот од 28 проценти на бројот на патници во првите шест месеци од 2026 година претставува извонреден резултат и јасна потврда дека македонските аеродроми се наоѓаат на патека на силен и одржлив развој. Во воздухопловната индустрија, двоцифрен раст на патничкиот сообраќај е показател за успешна стратегија, зголемена доверба од патниците и атрактивност како дестинации за авиокомпаниите. Фактот што Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид заедно опслужија речиси два милиона патници за само шест месеци, истовремено бележејќи и раст од 7,6 проценти на бројот на летови е резултат на нашата посветеност за развојот на воздушната поврзаност, континуираното унапредување на услугите и успешната соработка со нашите партнери. Остануваме фокусирани на создавање нови можности за раст, проширување на мрежата на дестинации и обезбедување квалитетно патничко искуство, со цел македонските аеродроми да продолжат да ги надминуваат очекувањата и во наредниот период“, наведува Курт во писмена изјава.
Статистиката на ТАВ Македонија покажува дека најголемиот дел од патничкиот сообраќај и натаму се одвива преку скопскиот аеродром. Од јануари до јуни услугите ги искористиле 1.833.010 патници, што е раст од 28,6 насто на годишно ниво. Во истиот период биле реализирани 12.260 летови, односно 6,5 насто повеќе отколку во првата половина на минатата година.
Охридскиот аеродром, пак, бележи уште поизразен раст кај бројот на летовите. Во првите шест месеци опслужил 122.638 патници, што е зголемување од 18,2 насто, додека бројот на реализирани летови достигнал 907, или 26 насто повеќе во однос на ланскиот период.
Најфреквентна дестинација од скопскиот аеродром и натаму е Истанбул, ако се земат предвид двата аеродрома во турската метропола – ИГА и Сабиха Гокчен – со пазарен удел од 14,2 отсто. Следуваат Меминген (4,5 %), Базел-Милуз (4,4 %), Дортмунд (4,1 %), Цирих (4 %) и Франкфурт (3,9 %).
По држави, пак, најголем дел од директниот патнички сообраќај од Скопје се реализира кон Германија, која учествува со 28,5 отсто во вкупниот сообраќај. Потоа следуваат Турција со 18 отсто, Швајцарија со 9,3, Италија со 8,2 и Шведска со 5,8 отсто.
Аналитика








