Од 1 октомври годинава во системот „Мој термин“ ќе почне да функционира новиот модул за доброволно изјаснување за органодарителство. Секој полнолетен граѓанин при посета на својот матичен лекар ќе може да даде писмена согласност – или несогласност – по смртта да биде дарител на органи и ткива, а одлуката во секое време ќе може да ја промени.
Новината следува откако Собранието ги усвои измените на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, со кои се унапредува правната рамка за органодарителство и трансплантација.
Министерот за здравство, Азир Алиу, соопшти дека во моментов во земјава 168 пациенти чекаат трансплантација на бубрег, 37 на срце, 12 на црн дроб и 23 на рожница, односно вкупно 240 лица очекуваат шанса за нов живот.
„Со усвојувањето на измените државата направи силен исчекор. Органодарителството денес е тема на доверба, лична волја, солидарност и зрелост на нашето општество“, рече Алиу.
Пред потпишувањето на согласноста, лекарот има обврска да го информира потенцијалниот дарител за значењето на одлуката, нејзините правни последици и правото таа во секое време да биде изменета. Потпишаната изјава ќе се архивира и ќе биде внесена во Националната листа во рамките на системот „Мој термин“. Во базата ќе бидат евидентирани основните лични податоци, датумот на изјавата, избраниот лекар и статусот – дали е дадена согласност или не.
Алиу нагласи дека пристапот до овие информации ќе биде строго ограничен. Секој увид во системот ќе се евидентира:
„Пристапот до овие податоци ќе биде строго ограничен, контролиран и евидентиран, што значи дека секој увид во системот ќе остава трага и ќе биде дозволен само за точно утврдени овластени лица. Дополнително, граѓанинот во секое време ќе може да ја промени својата одлука со нова изјава кај својот избран лекар, а важечка ќе биде секогаш последната евидентирана изјава. Паралелно со развојот на овој модул, се работи и на уредбата и правилникот, со кои попрецизно ќе се уредат националната листа, пристапот до податоците, формата на изјавата и начинот на нејзино давање и промена“.
Националната координаторка за трансплантација, професор д-р Билјана Кузмановска, истакна дека законските измени произлегле од потребата да се зголеми бројот на согласности за донирање органи, бидејќи токму согласноста најчесто претставува пречка за успешна трансплантација.
Таа потенцираше дека новиот модел ја става личната волја на поединецот во центарот на системот, но не воведува никаква обврска.
„Органодарителството останува целосно доброволен, етички и личен чин. Кој сака ќе може да се изјасни, а кој не сака – нема никаква обврска. Во секое време граѓанинот ќе може да ја промени својата одлука“, нагласи Кузмановска.
До стартот на системот на 1 октомври, Министерството за здравство ќе ги подготви сите подзаконски акти, правилници и технички решенија за новиот модул, како и информативна кампања за запознавање на граѓаните со постапката и нивните права.
Аналитика








