ПОВЕЌЕ

    Одлуката за дарување органи ќе се евидентира во „Мој термин“ – можност за повеќе трансплантации

    Време зa читање: 2 минути

    Полнолетните граѓани ќе можат официјално да се изјаснат дали сакаат по смртта да ги донираат своите органи, а кругот на лица кои можат да донираат орган додека се живи се проширува до четврти степен на сродство. Ова се двете најважни новини што ги носат измените на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, што ги усвои Собранието.

    Со законските измени се воспоставува систем преку кој секој полнолетен граѓанин ќе може кај својот матичен лекар да ја изрази сопствената волја дали сака да биде органодарител по смртта. Изјавата ќе се евидентира во електронскиот систем „Мој термин“, со двојна верификација, а граѓаните во секое време ќе можат да ја изменат или повлечат својата одлука.

    Од Министерството за здравство очекуваат ова решение да придонесе за поголема транспарентност и доверба во системот, но и да обезбеди јасен увид колкав е интересот за органодарителство во земјата.

    Втората крупна новина е проширувањето на можностите за трансплантација од жив дарител. Наместо досегашните ограничувања, орган ќе може да донира и роднина до четврти степен на сродство. Сепак, секоја таква трансплантација ќе мора да добие одобрение од Етичката комисија, која ќе проверува дали одлуката е донесена доброволно и без каков било притисок, злоупотреба или трговија со органи.

    Министерот за здравство, Азир Алиу, оцени дека измените не претставуваат само административна промена, туку и чекор кон јакнење на хуманоста и солидарноста во здравствениот систем.

    „Трансплантацијата не е само медицинска постапка, туку е живот, надеж и можност еден човек и по неговата смрт да продолжи да живее преку животот на некој друг“, изјави Алиу.

    Тој најави дека лично ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител кога новиот систем ќе почне да функционира.

    Паралелно со законските измени, Министерството за здравство ќе продолжи со национална кампања за подигање на свеста за органодарителството. Во активностите ќе бидат вклучени матичните лекари, училиштата, универзитетите, пациентските здруженија и верските заедници, со цел повеќе граѓани однапред да ја изразат својата волја и за неа да разговараат со своите семејства.

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично