
Македонскиот финансиски сектор остана без еден од своите долгогодишни професионалци и учесници во формирањето на пазарот на капитал. Почина Кирил Митровски, брокер од првата генерација, поранешен претседател на Одборот на директори на Македонската берза и долгогодишен член на берзанските институции.
Веста за неговата смрт ја објави Македонската берза, која се прости од него со следната порака:
„Последен поздрав од Македонска берза АД Скопје за г-дин Кирил Митровски, брокер од првата генерација, долгогодишен член и поранешен Претседател на Одборот на директори на Берзата. Изразуваме искрено и длабоко сочувство до неговото семејство и тимот на Инвестброкер АД Скопје.“
Митровски е меѓу имињата што се поврзуваат со првите фази на развојот на современиот македонски пазар на хартии од вредност, како дел од генерацијата професионалци што учествуваа во воспоставувањето на организираното берзанско работење.
Својата професионална кариера ја започнува во Инвестбанка, каде што беше и директор задолжен за работа со население, функција што ја извршуваше и во првите години по осамостојувањето на Македонија.
Со развојот на финансискиот систем во независната држава, Митровски преминува во областа на пазарот на капитал и ја презема функцијата директор на сектор за брокерски работи во рамки на Инвестбанка. Од оваа позиција, во 1998 година учествува во основањето на брокерската куќа Инвестброкер.
Покрај ангажманот во брокерската куќа, Митровски со години бил активен и во работењето на Македонската берза. Бил член на нејзините органи на управување, а во одреден период ја извршувал и функцијата претседател на Одборот на директори. Во тој период учествувал во развојот на институционалната рамка на берзата и јакнењето на домашниот пазар на капитал.
Со неговото заминување, финансиската заедница губи учесник од генерацијата што ги поставуваше темелите на модерното берзанско работење во земјата.
Редакцијата на порталот Пари изразува искрено сочувство до семејството Митровски, неговите блиски, пријатели и колеги.
Нека почива во мир.
Аналитика








