
Осигурителната компанија Еуролинк станува косопственик на ВФП Пензиско друштво, откако Советот на експерти при Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС) даде согласност за стекнување акции.
За порталот Пари, членот на Советот на експерти, Дарко Саздовски, појасни дека согласноста се однесува исклучиво на доброволниот пензиски фонд, односно на третиот пензиски столб.
„Минатата недела Советот на експерти донесе согласност по поднесеното барање од ВФП Пензиско друштво – акциите ќе можат да бидат преземени од Еуролинк во однос од 49,9 проценти спрема 50 проценти плус една акција. Но, тоа се однесува само на доброволното пензиско осигурување, односно на третиот столб“, вели Саздовски.
Тој објаснува дека барањето било доставено минатиот месец, по што стручните служби на МАПАС направиле детална анализа пред Советот на експерти да ја даде потребната согласност, согласно член 27 од Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.
„Стручните служби во детали ги разгледаа барањата, а Советот на експерти го констатира тоа и даде согласност за стекнување акции од страна на Еуролинк. Наместо досегашниот стопроцентен сопственик, сега ќе има двајца сопственици, но само во доброволното пензиско осигурување“, додава Саздовски.
Според него, регулаторната постапка е завршена, а преостанува техничката реализација на трансакцијата.
„Тоа е веќе официјално. Сега формално акциите треба да се префрлат преку Централниот депозитар за хартии од вредност и преку Комисијата за хартии од вредност“, вели членот на Советот на експерти.
Во иднина е можно Еуролинк да побара влез и во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување – вториот пензиски столб, но таква постапка сѐ уште не е започната.
„Вториот чекор би бил евентуално да достават барање и за вториот столб. Тоа би било предмет на нова постапка, при што стручните служби ќе треба детално да проверат дали се исполнети сите законски услови. Во моментов такво барање не постои“, нагласува Саздовски.
Одлуката на МАПАС уследи неколку дена откако Комисијата за хартии од вредност му одобри на Еуролинк да спроведе втора приватна емисија на акции. Пари тогаш објави дека осигурителната компанија планира да го зголеми основниот капитал за околу 5,85 милиони евра.
Дополнително внимание привлече и работниот состанок што МАПАС го одржа минатиот месец со Управниот одбор на ВФП Пензиско друштво. Во официјалното соопштение беше наведено дека се разговарало за актуелните прашања поврзани со функционирањето на капитално финансираното пензиско осигурување и за можностите за понатамошно унапредување на системот. Меѓутоа, во текстот не беше споменато дека на состанокот присуствувала и претседателката на Управниот одбор и генерален директор на Еуролинк Осигурување, Марија Томеска, иако тоа може да се забележи од објавената фотографија.
ВФП Пензиско друштво е најмладиот учесник на домашниот пазар на приватно пензиско осигурување. Друштвото започна со работа во октомври 2022 година, а со управување со фондот и маркетинг активности од август 2023 година. За разлика од останатите пензиски друштва, ВФП управува исклучиво со доброволен пензиски фонд. Основната главнина изнесува 890 илјади евра, но компанијата сè уште работи со загуба.
Според последниот годишен извештај на МАПАС, во 2025 година ВФП остварил приходи од 4.055.615 денари, наспроти расходи од 12.570.906 денари, при што годината ја завршил со загуба од 8,5 милиони денари. Акумулираната загуба заклучно со крајот на 2025 година достигнала 30,4 милиони денари. Од МАПАС објаснуваат дека ваквиот финансиски резултат е очекуван, бидејќи фондот сè уште има релативно мал број членови и ограничен обем на средства, додека истовремено се покриваат високите почетни трошоци за воспоставување на системот, инфраструктурата, вработените и маркетингот. Најголем дел од приходите, околу 47 отсто, доаѓаат од надоместоците за управување со средствата, додека кај расходите доминираат трошоците за работење на друштвото, пред сè платите и надоместоците за вработените, услугите и амортизацијата.
На крајот од 2025 година во доброволното капитално финансирано пензиско осигурување имало вкупно 35.944 членови. Од нив, 2,29 отсто се во ВФП Пензиско друштво.
М.А.
Аналитика








