
Долгогодишната навика евтината струја да се користи главно навечер би можела да стане минато. Регулаторната комисија за енергетика подготвува анализа која може целосно да го промени тарифниот систем, а целта е граѓаните да плаќаат пониски сметки и истовремено подобро да се искористи струјата произведена од сончевите електрани.
Во интервју за МИА, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, открива дека се разгледуваат повеќе можни решенија – продолжување на евтината дневна тарифа, воведување евтина струја и во сабота, но и намалување или укинување на дел од ноќната евтина тарифа.
Според првичните анализи, најголем потенцијал има периодот од 11 до 15 часот, кога на регионалните берзи има вишок електрична енергија и цените се најниски. Токму затоа, РКЕ размислува евтината тарифа да се прошири во тие часови за да ги мотивира домаќинствата поголем дел од потрошувачката да ја префрлат преку ден.
Истовремено, се преиспитува оправданоста на сегашната ноќна евтина тарифа. Ристов посочува дека денес ситуацијата е сосема поинаква од пред неколку години.
„Најскапата електрична енергија на берзите денес е токму во периодот од 21 до 23 или 24 часот, кога кај нас важи евтината ноќна тарифа. Тоа економски повеќе не е логично“, вели првиот човек на Регулаторната комисија.
На маса е и уште една идеја која би можела да биде интересна за граѓаните – евтината тарифа да важи не само во недела, туку и во сабота. Причината е што и во двата викенд-денови индустриската потрошувачка е значително помала, па на пазарот остануваат вишоци електрична енергија кои би можеле да ги користат домаќинствата по пониска цена.
Ристов нагласува дека засега не е донесена никаква конечна одлука. Во тек се математички анализи кои треба да покажат дали ваквите промени се економски оправдани и дали навистина ќе донесат пониски сметки за граѓаните.
Доколку анализите покажат позитивни резултати, новиот тарифен модел би можел да стартува од 1 јануари 2027 година. Можно е, сепак, дел од новите правила да важат само во периодите од годината кога производството од сончевите електрани е најголемо, односно во пролетните и летните месеци.
Од Регулаторната комисија потенцираат дека пред евентуалното воведување на новите тарифи ќе има јавна расправа и консултации со сите засегнати страни, а конечната цел останува иста – пониски сметки за домаќинствата и поефикасно користење на електричната енергија.
Аналитика








