ПОВЕЌЕ

    Загубата е четирипати поголема од приходот: како опстојува „Ананас“?

    Време зa читање: 4 минути

    Во свет каде што сè повеќе купувања почнуваат со клик, а не со посета на продавница, онлајн платформите водат битка за внимание, доверба и лојалност на потрошувачите. Македонскиот пазар на етрговија сè уште е значително помал од развиените европски пазари, но бројките покажуваат дека расте од година во година, а заедно со него растат и компаниите што се обидуваат да изградат регионални дигитални приказни.

    Една од нив е „Ананас МК“, дел од поширокиот проект на Делта Холдинг, којa од своето појавување на македонскиот пазар се позиционира како центар што ги поврзува трговците и купувачите на едно место.

    Наместо класичен модел на продажба, платформата се потпира на провизии од трансакциите и на континуирано проширување на понудата, бројот на партнери и корисници.

    Порталот Пари во соработка со Бизнис Мрежа ги анализира податоците на „Ананас МК“, што покажуваат дека компанијата и натаму е во фаза на агресивен раст. Во 2025 година „Ананас МК“ остварила приход од 1,04 милиони евра, што е речиси трипати повеќе од приходот во 2024 година, кога изнесувал 400 илјади евра. Тоа претставува раст од околу 160 насто за само една година. Но, од друга страна, компанијата секоја година бележи сè поголема загуба. Минатата година загубата изнесувала 3,7 милиони евра, или речиси четирипати повеќе од целиот нејзин приход. Имено, и покрај реализираниот приход од нешто над 1 милион евра, компанијата лани направила расходи од дури 4,8 милиони евра.

    ПРИХОДИТЕ РАСТАТ СО ЗАБРЗАНО ТЕМПО

    Ако се погледне периодот од 2022 до 2025 година, растот е уште поимпресивен. Од 285,7 илјади евра во 2022 година, приходот достигнал над 1 милион евра лани, што значи дека за три години се зголемил повеќе од три и пол пати. Особено значајно е што најголемиот скок е забележан токму во последната година, што може да се толкува како период во кој платформата почнува поинтензивно да го монетизира својот растечки обем на работа.

    Овие бројки се важни затоа што кај пазарните платформи приходот не ја покажува целосната слика за обемот на тргување. Приходите најчесто доаѓаат од провизии, маркетиншки услуги и други надоместоци, додека вкупната вредност на производите што се продаваат преку платформата е значително повисока.

    Во пракса, тоа значи дека растот на приходот од 160 насто упатува на уште побрз раст на активноста на платформата, бројот на трансакции и присуството на трговците што продаваат преку неа.

    РАСТОТ ЧИНИ СКАПО: ЗАГУБАТА ДОСТИГНА 3,7 МИЛИОНИ ЕВРА

    Но, брзиот раст има и своја цена. Додека приходот расте, уште побрзо растат расходите.

    Во 2025 година трошоците на „Ананас МК“ достигнале 4,8 милиони евра, наспроти 3,1 милион евра во 2024 година и 2,1 милион евра во 2023 година. Само во последната година расходите се зголемиле за повеќе од 54 насто.

    Како последица на тоа, компанијата ја продлабочува загубата на 3,7 милиони евра, во споредба со загубата од 2,7 милиони евра една година претходно. На прв поглед ова може да изгледа загрижувачки, но кај дигиталните платформи и маркетплејс-бизнисите ваквиот модел не е невообичаен.

    Интересно е што во 2022 година загубата изнесувала „само“ 220,8 илјади евра, а потоа постепено растела заедно со обемот на работењето.

    Покрај носечката компанија „Ананас МК“, во рамките на групацијата работи и „Ананас Шоп“, која и претходно покажа значително побрз премин кон позитивни финансиски резултати. Но, токму „Ананас МК“ останува централниот двигател на целиот проект и компанијата преку која се реализира најголемиот дел од инвестициите во развојот на платформата.

    Гледано низ призмата на традиционалните финансиски показатели, „Ананас МК“ сè уште не е профитабилна компанија. Но, гледано низ призмата на дигиталната економија, бројките покажуваат нешто друго – компанија што забрзано расте, го зголемува обемот на работењето и продолжува агресивно да инвестира во иднината. Прашањето не е дали „Ананас“ денес заработува, туку колку брзо растот на платформата ќе почне да ги надминува трошоците што моментално го придружуваат.

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично