ПОВЕЌЕ

    Како CBAM ќе ја промени конкурентноста на македонската индустрија?

    Време зa читање: 4 минути

    Енергетската транзиција повеќе не е тема за далечна иднина. За македонските компании таа веќе станува дел од секојдневното работење, а Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување на Европската Унија (CBAM) полека се претвора во еден од клучните фактори што ќе влијаат врз конкурентноста на домашната индустрија во наредните години.

    На тоа предупредуваат наодите од најновата студија на Finance Think – „Подготвеност за Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) и зелената индустриска транзиција во Северна Македонија“, промовирана на тркалезната маса „Зајакнување на конкурентноста: Енергетската транзиција, CBAM и иднината на македонската индустрија“.

    Анализата покажува дека иако директната изложеност на CBAM е концентрирана во неколку индустрии, пред сè во секторите железо, челик и електрична енергија, ефектите од новиот европски механизам ќе се почувствуваат многу пошироко низ економијата – преку синџирите на снабдување, инвестициските одлуки и извозната конкурентност на компаниите.

    Според податоците презентирани во студијата, во 2025 година извозот опфатен со CBAM достигнал околу 468 милиони евра. Тоа претставува 7,7 проценти од вкупниот македонски извоз во Европската Унија и 2,8 проценти од бруто-домашниот производ.

    Иако секторите директно засегнати од механизмот вработуваат околу 15.700 лица, нивното влијание е многу поголемо. Преку поврзаните компании и синџирите на снабдување тие поддржуваат уште околу 167.000 работни места, односно речиси една четвртина од вкупната вработеност во земјата.

    Една од главните пораки од студијата е дека CBAM не треба да се гледа само како дополнителна административна обврска за компаниите.

    Напротив, механизмот претставува тест за конкурентноста на македонската економија. Компаниите што навреме ќе инвестираат во модернизација, енергетска ефикасност и технологии со пониски емисии на јаглерод ќе имаат подобра позиција на европскиот пазар. Одложувањето на тие процеси, пак, носи ризик од повисоки трошоци и намалување на конкурентската предност.

    Студијата бележи напредок во развојот на обновливите извори на енергија, но истовремено предупредува дека ќе бидат потребни дополнителни инвестиции во електроенергетската мрежа, финансиски инструменти за зелени проекти и зајакнување на институционалните и корпоративните капацитети за спроведување на зелената транзиција.

    Во рамки на панел-дискусијата, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, порача дека државата нема простор за одложување на реформите во енергетскиот сектор.

    Според него, инвестициите ќе мора значително да се забрзаат, а клучна улога во тој процес ќе имаат приватниот капитал и јавно-приватните партнерства. Тој посочи дека електрификацијата, е-мобилноста и дигитализацијата на енергетскиот систем ќе бидат меѓу најголемите предизвици, но и можности за развој во наредниот период.

    Посебен акцент беше ставен и на улогата на локалната самоуправа во енергетската транзиција.

    Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, го претстави искуството на општината со сопственото претпријатие Т.Д. Енергија Центар и инвестициите во фотоволтаични системи. Според него, тие инвестиции овозможиле значително намалување на трошоците за електрична енергија во јавните објекти, а модернизацијата на јавното осветлување донела заштеди од околу 60 проценти.

    Во иднина, Општина Центар гледа дополнителни можности во продажбата на произведената електрична енергија и во развојот на нови услуги, меѓу кои и инфраструктура за електрични возила.

    Еден од најдиректните апели до компаниите дојде од Царинската управа.

    Златко Ветеровски оцени дека CBAM повеќе не треба да се третира како идно прашање, туку како актуелна обврска за македонските компании. Според него, фирмите ќе мора да воспостават системи за мерење, следење и известување за јаглеродниот отпечаток на своите производи, додека институциите ќе имаат важна улога во процесот на усогласување со новите правила.

    На панелот беше истакнато и дека зелената индустриска политика не треба да се сведува само на климатски обврски, туку да се гледа како можност за зголемување на продуктивноста, конкурентноста и економскиот развој.

    Заедничката порака од учесниците беше дека енергетската транзиција и CBAM се сериозен предизвик за македонската економија, но истовремено и можност за модернизација на индустријата. Колку успешно ќе биде искористена таа можност ќе зависи од подготвеноста на компаниите, институциите и локалните заедници навреме да инвестираат и да се приспособат на новите правила што веќе се наметнуваат на европскиот пазар.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично