
Секој што оди во маркет има чувство дека животот е многу поскап отколку што покажуваат официјалните бројки. Но, инфлацијата не се пресметува врз основа на неколку производи или личен впечаток, туку преку строго утврдена методологија. Државниот завод за статистика секој месец следи околу 70.000 цени на 689 производи и услуги на околу 1.100 продажни места низ државата. Токму врз основа на овие податоци се пресметува официјалната инфлација, која ја користат и Евростат, Меѓународниот монетарен фонд и другите меѓународни институции. Во поткастот „Каде се парите?“ со Горан Теменугов, директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков објаснува зошто граѓаните често чувствуваат многу повисока инфлација од онаа што ја покажува статистиката. Одговорот е дека граѓаните паметат цени од пред пет – шест години и ги споредуваат тие цени со денешните, додека ДЗС објавува годишна инфлација.
„Ние кога зборуваме за годишна инфлација од 4,8 проценти во мај, тоа значи дека општото ценовно ниво во мај, се зголемило за 4,8 проценти споредено со општото ценовно ниво во мај минатата година… Можеме да земеме колкава е инфлацијата во однос на 2020-та или во однос на мај 2021-та година. Доколку ја земеме оваа инфлација ќе видиме дека стапката на инфлација е можеби 30 проценти, сега карикирам… Луѓето го паметат историски лошиот моментум… и ако направиме анкета на пазар помеѓу граѓаните тие ќе кажат дека не е 4,8 проценти стапката на инфлација, сигурно е 30 проценти, колку рипнаа цените… Меѓутоа, ние зборуваме во конкретниот случај, кога ќе спомнеме годишна стапка на инфлација од 4,8 проценти, зборуваме за инфлација на годишно ниво мај во однос на мај минатата година. “
Аналитика








