Казината, автомат клубовите и приредувачите на електронски игри на среќа ќе се оддалечат на најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Нивната работа подлежи на строги ограничувања за рекламирање, задолжителен ГПС-систем на секој автомат за игри на среќа, повисоки банкарски гаранции и нови финансиски давачки за отворање деловни простории. Собранието го усвои Законот за игрите на среќа и забавните игри.
Новите мерки се насочени кон поголема заштита на младите, ограничување на негативните ефекти од коцкањето, сузбивање на сивата економија и зајакнување на контролата врз секторот. Законот треба да придонесе за поголема правна сигурност, подобра регулација на пазарот и поефикасна заштита на граѓаните.
Според законското решение, деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа во казино, автомат клуб и електронски игри на среќа ќе можат да се отвораат само на оддалеченост од најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Исклучок има за обложувалниците, но во нивните уплатно-исплатни места што се наоѓаат во радиус до 500 метри од училишта нема да смеат да се поставуваат видеолотариски терминали и терминали за електронски игри на среќа.
Законот значително ги проширува и забраните за рекламирање. Ќе биде забрането рекламирање на игрите на среќа како начин за постигнување личен или финансиски успех, решавање економски проблеми или стекнување општествен престиж. Не ќе смее да се користат ниту препораки од познати личности кои сугерираат дека коцкањето придонело за нивниот успех. Се ограничува и рекламирањето на надворешните делови од објектите и се забрануваат содржини насочени кон поттикнување на малолетници да учествуваат во игри на среќа.
Една од најзначајните новини е обврската секој автомат за игри на среќа и секој електронски видеолотариски терминал да биде опремен со ГПС-уред во постојана електронска комуникација со Управата за јавни приходи. Ова треба да овозможи прецизно следење на локацијата на апаратите и да спречи нивно поставување кај нелиценцирани приредувачи.
Со Законот се укинува и можноста со една лиценца да се отвораат повеќе деловни простории. Наместо тоа, се воведуваат нови надоместоци за секое ново уплатно-исплатно место и за секоја деловна просторија, како и повисоки банкарски гаранции за операторите.
Во законското решение се вградени и препораките на Манивал (MONEYVAL) при Советот на Европа. Се воведуваат дополнителни критериуми за сопствениците и управителите на компаниите што приредуваат игри на среќа, со цел зајакнување на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Воедно, останува забраната за учество на лица помлади од 18 години во игрите на среќа, а приредувачите ќе бидат должни на видно место да истакнат предупредувања за забрана на влез за малолетници и информации за превенција и лекување на зависности.
Овие промени предизвикаа големи реакции кај засегнатата страна. Од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и од здружението Сакам да работам сметаат дека со спроведувањето на законските одредби ќе се затворат голем број легални објекти, 10 илјади вработени би можеле да останат без работа, а негативните последици индиректно би погодиле над 35.000 граѓани.
Според нивните проценки, со ограничувањето на легалниот сектор дел од играчите би можеле да се префрлат кон нелегални приредувачи, што би ја зголемило сивата економија и би ги намалило приходите што сега се слеваат во државниот буџет.
(Фото: Magnific)
Аналитика








