ПОВЕЌЕ

    EPCG доби меѓународна награда во Брисел: регионален пример за поинаков модел на енергетска транзиција

    Време зa читање: 3 минути

    Електропривреда на Црна Гора (EPCG – Државна компанија за производство на електрична енергија) е добитник на меѓународно признание за квалитет во работењето, доделено во Брисел во рамки на годишната церемонија организирана од Европското здружение за квалитет.

    Наградата, во име на EPCG, ја примија претседателот на Одборот на директори, Милутин Ѓукановиќ, и извршниот директор Здравко Драгаш.

    Различен модел од класичната енергетска транзиција во регионот

    Она што го издвојува EPCG од голем дел од класичните енергетски компании во Западен Балкан е пристапот кон развојот на обновливи извори на енергија.

    Додека најголем дел од компаниите во регионот главно се фокусираат на големи производни капацитети, изградени на земјиште и управувани преку централизирани модели, EPCG развива поинаков пристап соларната енергија ја носи директно на крововите на домаќинствата.

    Преку програмите Солари 3000+“ и Солари 5000+“, компанијата практично го проширува производниот систем кон крајните потрошувачи, создавајќи мрежа на домаќинства кои истовремено се и потрошувачи и производители на електрична енергија.

    „Произведувај таму каде што трошиш“

    Во образложението за наградата е истакнато дека EPCG силно развива проекти од обновливи извори на енергија, успешно ги реализира програмите „Солари 3000+“ и „Солари 5000+“, а со пуштањето во работа на ветроелектраната Гвозд дополнително ја потврдува позицијата на еден од лидерите на енергетската транзиција во регионот.

    Според претседателот на Одборот на директори на EPCG, Милутин Ѓукановиќ, концептот Произведувај таму каде што трошиш е препознаен и надвор од регионалните рамки.

    Токму овој концепт ја прави EPCG интересен пример за регионот: наместо енергетската транзиција да се гледа само како изградба на нови големи електрани, компанијата ја отвора кон домаќинствата, локалната потрошувачка и децентрализираното производство.

    Над 10.000 домаќинства со соларни системи

    Ѓукановиќ истакна дека EPCG во изминатите четири години реализирала проекти кои донеле 150 MW нови производни капацитети од обновливи извори на енергија.

    На повеќе од 10.000 домаќинства се инсталирани соларни системи со вкупна моќност од 100 MWp, преку концептот на прозјумери. Овие капацитети веќе произведуваат околу 260 GWh електрична енергија годишно, со проценета вредност од приближно 30 милиони евра.

    Овој пристап има пошироко значење за Западен Балкан, каде што соларниот развој во голема мера се движи преку големи фотонапонски електрани на земјиште. Моделот на EPCG покажува дека енергетската транзиција може да се развива и преку домаќинствата, со поголемо учество на граѓаните, помала потреба од ново земјиште и поблиско поврзување меѓу производството и потрошувачката.

    Нови 250 MW до крајот на годината

    Од компанијата најавуваат дека до крајот на годината ќе бидат изградени речиси 250 MW нови капацитети, со очекувано годишно производство од околу 400 GWh електрична енергија.

    Извршниот директор на EPCG, Здравко Драгаш, оцени дека меѓународното признание во Брисел претставува дополнителна потврда за исправноста на развојната насока на компанијата, која има стратешко значење за Црна Гора.

    За земјите од регионот, особено за пазарите каде што соларната експанзија доминантно се случува преку големи проекти на земјиште, искуството на EPCG отвора важна дебата: дали следната фаза на енергетската транзиција треба повеќе да се насочи кон кровови, домаќинства и локално производство, а не само кон класични utility-scale проекти.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично