ПОВЕЌЕ

    Компаниите добиваат дигитален ATA Carnet, хартиениот останува до 2028 година

    Време зa читање: 3 минути

    Глобалниот систем за привремен извоз и увоз на стоки од денеска влегува во нова дигитална ера. Од 1 јуни 2026 година официјално започнува транзицијата кон е-ATA Carnet – електронска верзија на меѓународно признатиот документ познат како „пасош за стоки“, кој им овозможува на компаниите полесно и побрзо да ги пренесуваат своите производи преку границите без плаќање царини и други увозни давачки.

    Станува збор за глобален процес што се реализира под координација на Меѓународната трговска комора (ICC) и Светската царинска организација (WCO), а чија цел е да се намали административниот товар и да се забрза прекуграничната трговија преку целосна дигитализација на постапките.

    ATA Carnet веќе со децении претставува важна алатка за компаниите кои учествуваат на меѓународни саеми, изложби, деловни настани или користат професионална опрема што привремено се изнесува во странство. Документот овозможува стоките да влезат и да излезат од повеќе од 80 земји и царински територии без дополнителни царински формалности и финансиски оптоварувања.

    Во Северна Македонија, Стопанската комора ја има улогата на национална гарантна асоцијација и издавач на ATA Carnet документите. Од воведувањето на дигиталниот систем во април 2023 година досега се издадени вкупно 1.470 паралелни хартиени и дигитални карнети.

    Новиот е-ATA Carnet систем ќе функционира преку дигитални царински декларации и QR-кодови, што треба да овозможи побрза обработка на документите, поголема безбедност и поедноставено следење на движењето на стоките. Со тоа се елиминира потребата од носење физички документи, а процедурите стануваат подостапни и поефикасни за компаниите.

    Од Стопанската комора велат дека земјава е подготвена за почетокот на процесот и дека техничките предуслови за имплементација на системот се веќе обезбедени. Истовремено, Комората ги следи сите насоки и активности на меѓународните институции за да обезбеди навремена поддршка на домашната бизнис-заедница и усогласување со глобалните стандарди.

    Сепак, воведувањето на електронскиот систем нема веднаш да значи крај на хартиените ATA Carnet документи. Според меѓународниот план, преодниот период ќе трае до крајот на 2027 година, а целосната дигитална транзиција е предвидена да заврши на 1 јануари 2028 година.

    Во тој период паралелно ќе функционираат и хартиената и електронската верзија на документот, што треба да овозможи компаниите постепено да се приспособат на новите процедури без нарушување на тековните деловни активности.

    За стопанството, оваа промена носи повеќе придобивки – побрзи административни постапки, подобра следливост на документите, намалување на бирократските процедури и полесно усогласување со идните меѓународни правила за трговија. Истовремено, постепената имплементација треба да обезбеди сигурна транзиција и континуитет во работењето на компаниите кои секојдневно ги користат овие документи при настап на странските пазари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично