Првиот предупредувачки протест на вработените во индустријата за игри на среќа е најавен за петок, откако Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и здружението „Сакам да работам“ реагираа на владиниот Предлог-закон за игрите на среќа, предупредувајќи на сериозни економски последици и загрозување на илјадници работни места.
Од АСОМ предупредуваат дека со предложените законски измени се доведува во прашање опстанокот на секторот, при што, како што наведуваат, „се бришат 280 милиони евра од државниот буџет и се загрозуваат над 50.000 индиректни работни места“. Од пратениците се бара пратениците да не го поддржат предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри.
Во писмото адресирано до народните претставници во законодавниот дом, АСОМ прашува: „Зошто со години бегате од јавна дебата за овој важен закон?“, обвинувајќи дека процесот на носење на законските измени се одвива без јавност, без експерти и без објава на ЕНЕР.
Од Асоцијацијата тврдат дека нивната индустрија е неправедно политизирана. „Ние, како легитимни претставници на 95 % од легалниот пазар на приредувачи на игри на среќа во обложувалница, немаме што да криеме“, наведуваат од АСОМ, додавајќи дека се отворени за јавна дебата, но дека намерата на законските измени, според нив, не е суштинска регулација.
АСОМ предупредува и дека рестриктивните мерки, како оддалеченоста од 500 метри од училишта и зголемените давачки, ќе доведат до затворање на легалните објекти. „Имплементацијата неминовно ќе резултира со принудно затворање на целата легална индустрија“, стои во нивната реакција.
И АСОМ и здружението „Сакам да работам“ предупредуваат на ризик од раст на нелегалното приредување игри на среќа. Во нивните реакции се наведува дека затворањето на легалниот сектор би можело да го пренасочи играњето во неформални канали кои, како што тврдат, се надвор од државна контрола.
„Кога ќе ја затворите легалната индустрија, нема да ја искорените навиката за играње, туку ќе ја префрлите во темните подруми“, наведуваат од АСОМ, додавајќи дека рестриктивните политики не го решаваат проблемот, туку го продлабочуваат црниот пазар.
Од „Сакам да работам“ дополнително велат дека работните места во секторот се директно загрозени и дека се принудени да реагираат со протести. Тие најавуваат дека во петок ќе го одржат првиот предупредувачки протест, со цел, како што велат, „одбрана на вистината“ и на правото на работа.
АСОМ и „Сакам да работам“ бараат повлекување на предлог-законот и отворање на широка јавна расправа. „Законот за затворање на легалните игри на среќа не смее да се изгласа“, порачуваат, додавајќи дека во спротивно се подготвени да организираат масовни протести.
(Фото: Magnific)
Аналитика








