Македонскиот туризам пролетта ја почна со повеќе гости и повеќе ноќевања. И натаму преовладуваат странските туристи, а во март најголемиот дел од нив допатувале од Германија. По подолг период на доминација, туските посетители се нешто помалубројни.
Во март, според податоците од Државниот завод за статистика, во земјава престојувале 73.921 турист, кои реализирале 134.233 ноќевања.
Дури 80,3 отсто од туристите се странци, додека домашните гости учествувале со 19,7 отсто. Слична е сликата и кај ноќевањата. Речиси три четвртини (73,5 %) се остварени од странските, а 26,5 отсто од домашните гости.
Во споредба со истиот месец лани, годинава бројот на странските туристи е поголем за 7,4 насто. Или, регистрирани се 59.367, наспроти 55.270 во март минатата година. Домашниот туризам, пак, бележи пад од 6,9 отсто – со 14.554 гости.
Кварталната годишна паралела покажува дека во периодот јануари – март вкупниот број на туристите е зголемен за 5,2 насто. Кај домашните туристи со стапка од 1,3, а кај странските од 6,9 насто.
Но, и покрај повеќето гости, вкупниот број ноќевања во првите три месеци е речиси непроменет, односно го следи благо намалување од 0,3 проценти. Домашните ноќевања се намалени за 1,2 отсто, додека кај странските има симболичен раст од 0,2 насто.
Меѓу странците што ја посетиле земјава во март се издвојуваат тие Германците – 9.645 и Турците – 9.090. Од Франција дошле 4.945, а од Србија 3.955 туристи.
Аналитика








