ПОВЕЌЕ

    Низ македонските аеродроми минале над 1,2 милиони патници – раст од 32,4 % за четири месеци

    Време зa читање: 3 минути

    Рекорден раст на патничкиот сообраќај од 32,4 насто во првите четири месеци од годинава бележи ТАВ Македонија. Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ кај Охрид во периодот од јануари до април опслужиле вкупно 1.202.828 патници.

    Паралелно со тоа, двата аеродроми регистрирале и зголемување на бројот на летови од 10,7 насто. Реализираани се вкупно 8.123 летови.

    Растот доаѓа во услови на проширена мрежа на дестинации и засилена фреквенција на летови, што придонесува за значително зголемување на патничкиот сообраќај. Од компанијата посочуваат дека овој тренд ја позиционира Македонија меѓу најбрзо растечките авијациски пазари во регионот.

    „ТАВ Македонија продолжува да бележи рекордно двоцифрено зголемување на патничкиот сообраќај. Во првите четири месеци од оваа година опслуживме вкупно 1,2 милиони патници на двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, што е висок пораст од рекордни 32,4% и ќе нè рангира меѓу најбрзо растечките аеродроми во Европа и во светот. Меѓународниот Совет на Аеродроми-Европа (Airports Council International-Europe) веќе нè рангираше меѓу најбрзо растечките аеродроми како земја која не е членка на ЕУ врз основа на јануарските бројки за авиосообраќај. Среќни сме што силниот, рекорден пораст продолжува, и покрај глобалните геополитички предизвици и енергетската криза. Ова не е случајност, туку директен резултат на нашата силна посветеност и континуирани напори, заедно со Владата, за проширување на мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома. Оваа година, досега, отворивме 5 нови дестинации, додека во наредниот период ќе отвориме дополнителни 7 нови дестинации, од двата аеродрома, со што годинава ќе имаме вкупно 12 нови дестинации. Со ова, очекуваме порастот на патници да продолжи до крајот на годината, создавајќи силна основа за стабилен пораст во наредните години“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.

    Во рамките на летниот распоред, 15 авиокомпании летаат до 54 дестинации од скопскиот аеродром, вклучувајќи ги редовните летови преку целата година и сезонските летови.

    По отворањето на новите авиолинии до Будимпешта и Неапол од скопскиот аеродром, во јуни и јули ќе почнат летови до Трабзон (чартер), Самсун (чартер), како и до Палермо и до Алгеро.

    Од охридскиот аеродром, со летниот распоред на летање, 8 авиокомпании летаат до 17 дестинации, од кои 14 се редовни преку целата година и сезонски дестинации, додека три се чартер-летови.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично