ПОВЕЌЕ

    НАСКОРО ЌЕ БИДЕ ПУШТЕН АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД, Гостивар-Букојчани добро напредува, а поврзувањето останува стратешка цел, порача Мицкоски

    Време зa читање: 2 минути

    Поврзувањето е стратешка цел на Владата, а Коридорите 8 и 10 се од стратешко значење за Македонија, изјави премиерот Христијан Мицкоски при увидот во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани.

    Тој нагласи дека паралелно се работи на повеќе инфраструктурни проекти и изградба на автопати, модернизација на железницата и развој на енергетската мрежа. Според него, интензивно се реализира и гасното поврзување со Грција, а веќе неделава ќе биде објавен тендерот за гасоводот со Србија. Во функција е и нафтоводот од Солун до Скопје, што, како што оцени, ќе ја позиционира Македонија како регионален транспортен и енергетски хаб.

    Мицкоски очекува наскоро да биде пуштен и делот од автопатот што ги поврзува Кичево и Охрид, а во првата половина од следната година да биде завршен и гасоводот со Грција.

    „Сето ова претставува амбициозна агенда, но нашиот фокус е сериозен. Нашата оптика е силно вперена во овие проекти и така ќе продолжиме и во периодот што следи“, порача Мицкоски.

    Автопатот Гостивар – Букојчани е дел од инфраструктурниот пакет што го реализира конзорциумот Бехтел и Енка, а моментално се работи на 11 километри од вкупно планираните 31 километар.

    „Денеска извршивме увид на автопатските делници Гостивар–Букојчани и Тетово–Гостивар, при што беше констатирано дека градежните активности се реализираат со засилена динамика на повеќе позиции долж трасите. На делницата Гостивар–Букојчани активно се работи на земјени работи, изградба на мостови, потпорни конструкции и инфраструктурни објекти, а дел од веќе изградените објекти се во завршна фаза“, истакна Мицкоски.

    На делницата Тетово–Гостивар продолжуваат активностите за расчистување на трасата, дислокација на инсталации и изградба на паралелниот пат и дренажната инфраструктура. Констатирано е дека работите се одвиваат согласно предвидената динамика, без значително влијание врз локалниот сообраќај и населените места долж трасата.

    Како Влада остануваме целосно посветени на реализацијата на капиталните инфраструктурни проекти, со цел обезбедување побезбедна, помодерна и поефикасна патна мрежа за сите граѓани и забрзан економски развој на државата, напиша премиерот на својот Фејсбук профил по посетата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично