Регулаторната комисија за енергетика ќе го преиспитува системот со четири тарифни блока за струја, а новиот претседател Ацо Ристов смета дека е нелогично ист производ да се плаќа по различни цени. Според него, во наредниот период ќе се анализира дали сегашниот модел треба да остане, да се измени или да преформатираат блоковите.
„Мој личен став е дека треба сѐ да се отвори. Ова прашање ќе го разгледаме, дали ќе има или ќе нема, или блоковите ќе се димензионираат поинаку“, изјави Ристов на средба со новинарите.
Тој посочи дека РКЕ ќе ги анализира досегашните ефекти од блок-тарифите кои се применуваат од 2022 година, но и искуствата од земјите во регионот, со цел да се утврди дали може да се направи поправичен модел за крајните потрошувачи.
„Неправичност е што иста енергија се плаќа по различни цени. Оние што ја произведуваат енергијата, ја продаваат по иста цена, сѐ друго е социјална категорија која треба да се усогласува со државата. Не може да постојат четири цени за ист производ“, нагласи Ристов.
Според него, тоа не значи автоматско укинување на блоковите, туку отворање анализа за можни измени на системот. Како што рече, можно е да се воведе „некој нов начин што ќе биде поправичен“.
Засега домаќинствата плаќаат струја според четири блокови во високата тарифа, при што цената расте со потрошувачката. Системот беше воведен во екот на енергетската криза во Европа, со цел да се стимулира штедење и да се заштитат домаќинствата со помала потрошувачка.
Ристов се осврна и на цената на топлинската енергија, при што рече дека засега не се очекуваат драстични промени, бидејќи цената на природниот гас е релативно стабилна.
„Веројатно поради инфлаторните случувања ќе има некакво зголемување, меѓутоа не се очекува тоа да биде драстично. Сепак, цената на гасот не порасна на пазарите како што е кај нафтените деривати“, посочи претседателот на РКЕ.
Конечната одлука за цената на парното ќе се носи кон крајот на јули, по обработката на барањата и податоците што до регулаторот ќе ги достават енергетските компании.
Аналитика








