ПОВЕЌЕ

    Пазарот ќе ја диктира цената на струјата: стартува Intraday Market

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија прави чекор кон европскиот модел на тргување со електрична енергија, каде што цените ќе се формираат на пазар, а не административно. Со стартувањето на пазарот „ден однапред“, државата влегува во нова фаза на организирано тргување.

    „Ова не е само нова техничка алатка или уште една административна процедура. Ова е сериозен исчекор кон модерна, стабилна и европски усогласена енергетика. Тоа е показател дека чекориме напред, со јасна визија и со конкретни реформи кои носат резултати“, порача премиерот Христијан Мицкоски на официјалниот почеток на тргувањето на „Пазарот во тековниот ден“- Intraday Market, организиран од МЕМО.

    Премиерот истакна дека Intraday Market претставува важен чекор кон интеграција со европските енергетски пазари. Ќе придонесе за поголема транспарентност, подобра ликвидност и поголема конкуренција на пазарот. Истовремено, ќе овозможи и поефикасно справување со дебалансот и намалување на системските ризици.

    „Ова е значаен чекор за македонскиот пазар на електрична енергија, а уште повеќе, претставува сигнал дека се движиме во вистинска насока кон модерен, интегриран и пазарно ориентиран енергетски сектор. Електричната енергија има своја специфичност. Се произведува и се троши во истиот момент и системот мора постојано да биде во баланс. Токму затоа, управувањето со пазарот на електрична енергија бара исклучителна прецизност, високо ниво на координација и јасни правила на функционирање“, подвлече директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски.

    Во своето обраќање тој нагласи дека станува збор за структурна промена во енергетиката:

    „Денеска не се отвора само нов пазар, туку се отвора нова енергетска перспектива за нашата држава. Перспектива што значи стабилност, што значи доверба и што значи развој“.

    Како што рече, пазарот „ден однапред“ е директен одговор на динамичните потреби на современото општество.

    „На организиран пазар цената не ја одредуваат административни одлуки. Цената се формира врз основа на понудата и побарувачката. Ова е предуслов за функционален систем“.

    Според него, токму ценовниот сигнал е клучен за стабилен систем, бидејќи овозможува правилна распределба на ресурсите, подобро управување со ризиците и носење рационални инвестициски одлуки, особено во услови на зголемени инвестиции во обновливи извори на енергија.

    МЕМО, како оператор на пазарот, ја следи европската регулатива, но предупредува на ризици од нови административни механизми. Во тој контекст беше споменат и CBAM механизмот:

    „Иако неговата цел е намалување на емисиите, неговата имплементација отвора сериозни дилеми за економиите во развој“.

    Сепак, како што беше нагласено, Македонија не може да се гледа изолирано од европските текови: „Секое вештачко одвојување од европските текови е спротивно на принципите на слободна трговија“.

    Во техничкиот дел од проектот е имплементирана платформата М7 на Дојче берза, во соработка со ADEX.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично