Управата за јавни приходи до граѓаните – даночни обврзници адресирала 862.896 годишни пријави (ДЛД-ГДП), кои треба да бидат потврдени до 31 мај. Сите што лани оствариле доход, пријавите ќе ги добијат преку системот „е-Даночни услуги“, преку профилите на „МојДДВ“ или на регистрираната е-пошта.
„Секое физичко лице кое во текот на 2025 година остварило доход има обврска да ја провери и потврди пријавата доколку податоците се точни, односно да ја дополни или коригира ако утврди отстапувања. Крајниот рок за оваа постапка е 31 мај 2026 година“, порачуваат од УЈП.
Воедно, упатуваат и апел до граѓаните што сè уште не се регистрирани на системот „е-Даночни услуги“ да го сторат тоа во најкус можен рок, со цел да имаат увид во својата пријава. По истекот на рокот, непотврдените пријави ќе се сметаат за конечни.
Доколку пријавата е коригирана од страна на даночниот обврзник, таа дополнително ќе биде предмет на одобрување од службено лице на УЈП. Во спротивно, ќе биде донесено решение за утврдување на данокот на личен доход.
Граѓаните кај кои е евидентиран поголем платен данок имаат можност да побараат поврат, со внесување на трансакциска сметка во самата пријава. Од друга страна, за оние со обврска за доплата, по истекот на рокот ќе биде генериран налог со фолио број.
Од УЈП потсетуваат дека податоците од годишната даночна пријава се користат за издавање уверенија за остварен доход и за остварување одредени права пред институциите, па затоа точноста на внесените информации е од особено значење.
Исто така, лицата кои во 2025 година оствариле доход над 2 милиони денари по одредени основи, како изнајмување деловен простор или вршење услуги, имаат обврска да се регистрираат за ДДВ, или тоа може да биде направено службено од страна на УЈП.
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат во Контакт центарот на УЈП (02 3253 200; 0800 33 000) или преку електронска пошта ([email protected]).
Аналитика








