
Во време кога се очекуваше економијата да „здивне“, првиот квартал од 2026 година донесе поинаква реалност – нов геополитички шок, раст на цените на енергенсите и повторно разгорување на инфлацијата. Во таква средина, Стопанска банка АД Скопје пријави значително послаб резултат од лани, добивката падна за 18 проценти.
Банката во првите три месеци од годинава остварила добивка пред оданочување од 799,4 милиони денари. Иако станува збор за силен износ, трендот е јасен – профитабилноста веќе не е на нивото од минатата година, а причините се комбинација од глобални и домашни фактори. Лани добивката изнесувала околу 975 милиони денари, што знали дека банката изгубила околу 175 милиони денари.
Најголемиот удар доаѓа од каматите. Нето-приходите од камати се намалени за 14 проценти и изнесуваат 1,26 милијарди денари. Банката вели дека падот е директна последица на пониските каматни стапки и посилната конкуренција, но и на повисоките трошоци за депозити, бидејќи граѓаните и компаниите сè повеќе ги префрлаат средствата во орочени депозити со повисок принос.
Дополнителен сигнал за забавување доаѓа од девизниот сегмент. Приходите од курсни разлики се намалени за 14 проценти, што укажува на помала активност и помали маргини на девизниот пазар, компаниите очигледно задржуваат ликвидност за сопствени потреби, наместо да ја пласираат преку банките.
Но, не е сè негативно. Банката успеала да го компензира дел од падот преку провизиите. Нето-приходите од надоместоци пораснале за 13 проценти и достигнале 221,7 милиони денари, што покажува дека услугите и трансакциското банкарство стануваат сè поважен извор на приходи.
Депозитите остануваат стабилни на ниво од 120 милијарди денари, а капиталот и резервите се зголемени за 2 проценти, што дополнително ја потврдува финансиската стабилност на институцијата.
Но, позадината на овие бројки е клучна. Наместо очекуваното закрепнување, 2026 година започна со нов глобален ризик – конфликтот на Блискиот Исток, кој директно влијае врз цените на енергенсите. Тоа веќе се прелева во инфлацијата, која повторно порасна на 4,9 проценти во март, по краткото смирување.
Билансот на состојба покажува дека банката ја задржала стабилноста. Вкупната актива изнесува 157,5 милијарди денари и е приближно на исто ниво како на крајот од 2025 година. Кредитите и побарувањата од други комитенти достигнаа 110,9 милијарди денари, што е раст од 2 проценти, додека депозитите на други комитенти изнесуваат 120,15 милијарди денари и се задржани речиси на исто ниво.
Капиталот и резервите се зголемени за 2 проценти и достигнаа 29,3 милијарди денари, што укажува на задржана капитална сила и покрај падот на профитабилноста. Паричните средства и паричните еквиваленти се намалени за 1,44 милијарди денари, како резултат на пренасочување средства кон хартии од вредност и кредити. Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 19,66 милијарди денари и се намалени за 2 проценти.
Банката влегува во 2026 година во економско окружување што повторно станува непредвидливо. Иако првично се очекуваше година на закрепнување и подобрување на економските перформанси, новиот конфликт на Блискиот Исток ги промени очекувањата, особено преку растот на цените на енергенсите. Инфлацијата, која во февруари се намали на 2,9 проценти, повторно забрза на 4,9 проценти во март, што создава дополнителен притисок врз трошоците, животниот стандард и деловното планирање.
Во своите очекувања, банката оценува дека периодот 2026–2028 ќе биде умерено позитивен, но неизвесен. Се очекува реалниот БДП да расте околу 3 до 3,3 проценти годишно, додека инфлацијата во 2026 година би можела да се движи околу 4,5 проценти, пред постепено да се стабилизира кон 2 проценти во 2027 и 2028 година.
За банкарскиот сектор се очекува да остане стабилен, капитализиран и ликвиден, но профитабилноста ќе биде под притисок поради стеснување на каматните маржи, пониски основни каматни стапки и засилена конкуренција. Во такви услови, сè поголема важност ќе имаат некаматните приходи, дигитализацијата и контролата на трошоците.
Аналитика








