ПОВЕЌЕ

    ПЕКИНГ МУ ЗАСТАНА НА ПАТОТ НА МЕТА: Кина се обидува да блокира милијардерска АИ аквизиција

    Време зa читање: 3 минути

    Додека глобалната трка за вештачка интелигенција станува сè пожестока, Кина испрати силна порака дека нема лесно да дозволи нејзините највредни технолошки адути да завршат во американски раце. Пекинг се обиде да го блокира преземањето на кинескиот стартап за вештачка интелигенција „Манус“ од страна на „Мета“, договор вреден 2 милијарди долари, што се смета за нов фронт во продлабочената технолошка конфронтација меѓу двете суперсили.

    Кинескиот државен планер во понеделникот побара двете компании да се повлечат од трансакцијата, по истрагата што властите ја отворија уште на почетокот на годината. Потегот доаѓа во чувствителен момент, само неколку недели пред долгоочекуваната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг во Пекинг, каде технологијата и трговијата се очекува да бидат меѓу најтешките теми на маса.

    Одлуката на Пекинг дополнително го засилува процесот на технолошко раздвојување меѓу САД и Кина, особено во стратешки сектори како вештачката интелигенција и полупроводниците, каде прекуграничните инвестиции стануваат сè почувствителни.

    Но и покрај политичкиот отпор, враќање назад можеби веќе не е едноставно. По објавувањето на договорот во декември, „Мета“ веќе го интегрираше „Манус“ во своите системи, а дел од раководството на стартапот премина во американската компанија. Тоа го прави евентуалното раскинување на договорот не само политички, туку и технички комплицирано.

    За „Мета“, оваа аквизиција требаше да биде стратешки потег во жестоката трка со конкуренти како „Гугл“ и „ОпенАИ“. „Манус“ привлече глобално внимание кога го претстави својот агент за вештачка интелигенција, систем способен автономно да извршува задачи во име на корисникот, и брзо беше препознаен како една од најперспективните кинески AI компании.

    Но токму тој успех отвори политички дилеми во Кина. По преселувањето на компанијата во Сингапур и објавувањето на продажбата на „Мета“, во кинеската јавност се појавија жестоки реакции. На социјалните мрежи, критичари ја нарекоа продажбата „предавство“, обвинувајќи го стартапот дека ја предал домашната технологија на САД.

    Пекинг реагираше невообичаено брзо и уште во јануари отвори истрага, во обид да испрати порака и до други стартапи дека продажба на стратешка технологија во странство нема да биде толерирана без отпор.

    Во меѓувреме, аналитичарите предупредуваат дека агресивниот пристап може да има спротивен ефект — наместо да ги задржи иноваторите дома, може да ги охрабри талентите уште од старт да ги градат своите компании надвор од Кина.

    Дополнителна драматичност внесе и извештајот на „Фајненшл тајмс“, според кој коосновачите на „Манус“, Сјао Хонг и Џи Јичао, добиле забрана да ја напуштат Кина додека трае истрагата.

    Официјално, „Мета“ тврди дека договорот е целосно во согласност со законот и очекува „соодветно решение“. Но прашањето што останува е дали ова е само спор околу една компанија — или почеток на уште подлабоко технолошко раздвојување меѓу Вашингтон и Пекинг.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично