
Битола, како еден од најстарите урбани и економски центри во земјата, со децении важи за град со силна трговска традиција и развиена индустрија. Градот е поставен на најславниот римски пат, Виа Игнација, а патописните записи од 15 век на Евлија Челебија говорат за богатата цивилизација и космополитскиот дух на Битола уште векови наназад пред неговата модернизација.
Денес, во градот се развиваат дејности од трговијата со фармацевтски и медицински производи, преку производство на млечни производи, сладолед и индустриска опрема, па сѐ до градежништвото, деловно-помошните услуги и дури и индустријата на игри на среќа. Дополнително, значајно место имаат и агросекторот и трговијата со земјоделска механизација.
Градот под Пелистер и понатаму останува значаен двигател на регионалниот развој, а анализата на Пари за десетте најголеми компании во Битола во соработка со Бизнис Мрежа открива дека локалниот бизнис не само што опстојува, туку и бележи солидни резултати.
СТАБИЛЕН РАСТ НА ПРИХОДИТЕ
Водечките десет компании во Битола во 2025 година оствариле вкупен приход од 383,9 милиони евра, што претставува раст од 10,76 насто во однос на 346,6 милиони евра во 2024 година. Овој резултат покажува дека најголемите бизниси во градот успеваат да го зголемат обемот на работа и покрај предизвиците на пазарот.
Најголем приход остварилo Друштвото за трговија и услуги ЕУРО – ФАРМ увоз-извоз, со 70,4 милиони евра, компанија што се занимава со трговија на големо co фармацевтски и медицински производи.
По неа следи компанијата што работи под истиот бренд, а која се занимава со трговија на мало на лекови – Приватна здравствена установа – аптека ЕУРОФАРМ, чиј обрт на средства изнесува 52,8 милиони евра, со раст од 13,30 насто во однос на 2024 година.
На трето место се наоѓа МЛЕКАРА АД Битола, со традиција уште од 1952 година, и во 2025 година приходите изнесуваат 46,8 милиони, но со пад од 2,94 насто во однос на преклани.
Најголемиот процентуален скок од 23,45 насто e произлезен од активностите на ТАСКФОРЦЕ БПО – друштво за консалтинг услуги.
Во топ 10 се наоѓаат компании од различни сектори – здравство, прехранбена индустрија, градежништво, трговија и услуги, што укажува на диверзифицирана економска структура.
Извор: Бизнис Мрежа
КОИ КОМПАНИИ ЗАРАБОТУВААТ НАЈМНОГУ ВО БИТОЛА?
Профитабилноста на водечките компании расте побрзо од приходите. Вкупната добивка за 2025 година на десетте најпрофитабилни компании достигнала 26,7 милиони евра, што е зголемување од 23,04 насто во однос на 21,7 милиони евра една година претходно.
Треба да се напомене дека четири од најпрофитните не се и во друштвото на најприходните.
Се повторуваат ЕРИ ЦОРПОРАТИОН, кој е лидер од табелата со профит од 5,1 милион евра, компанија со странски капитал, еден од најголемите производители и извозници на топлински разменувачи и вентилациски компоненти. Веднаш зад неа е компанијата со најдобриот македонски сладолед, кој се извезува и во Европа – ЦЕРМАТ, со добивка од 4,04 милиони евра.
Силен раст бележи СТЕНТОН ГРАДБА, што укажува на засилена активност во градежниот сектор, во 2025 година остварила профит повисок за 39,32 насто.
Особено впечатлив е скокот кај ПЕЛАГОНИЈА, која ја зголемила добивката за над 300 насто. Од друга страна, има и компании со пад, како ИГНАЦИЈА ФМ и КИРО ДАНДАРО, што покажува дека сите бизниси не се движат во иста насока.
Извор: Бизнис Мрежа
КОЈ Е НАЈГОЛЕМИОТ РАБОТОДАВЕЦ?
Кај десетте најголеми работодавачи се забележува раст на бројот на вработени. Во 2025 година тие вработуваат 5.567 лица, што е зголемување од 15,83 насто во однос на 4.806 лица во 2024 година.
ТАСКФОРЦЕ БПО е убедливо најголем работодавач со 2.875 вработени, што го истакнува значењето на овој сектор во локалната економија. Зад него со далеку помалку вработени се аптеката ЕУРОФАРМ и КЛУБ СПОРТ 77.
Сепак, кај дел од компаниите има намалување на бројот на вработени, во текстилниот сектор, јавните претпријатија и забавно-рекреативните дејности.
Извор: Бизнис Мрежа
ВИСОКИ ПЛАТИ ВО ФИРМИ СО ПО ЕДЕН ВРАБОТЕН
Сите десет компании од Битола со највисоки плати не се директно поврзани ниту со приходите ниту со добивките на најголемите компании. Тука се појавуваат сосем други имиња.
Вкупниот износ на просечните плати кај десетте компании достигнува 38.804 евра, што е раст од дури 199 насто во споредба со 12.978 евра во 2024 година.
Највисока просечна плата има СН СООБРАЌАЕН ЦЕНТАР со 14.259 евра, што претставува екстремен скок во однос на претходната година (2.365,17 %). Сепак, зад овој податок стои значајна промена во структурата на вработените, бројот на работници е намален од 21 во 2024 година на само едно лице во 2025 година, што во голема мера го објаснува драматичниот раст на просечната плата.
Високи примања се забележуваат и кај ЏИ ПОИНТ – друштво за козметички услуги. Просечната плата во оваа фирма изнесува 4.689 евра, значително повеќе во однос на 362 евра претходната година. Интересно е што компанијата и во 2024 и во 2025 година функционира со само еден вработен.
Само една компанија од оваа десетка бележи пад на просечната плата, и тоа АРИТМАТРИЦА, со намалување од 6,28 насто. Воедно, најниската просечна плата во оваа конкуренција изнесува 2.017 евра и ја исплаќа ТИМ ЈУГОЕЛЕКТРО.
Извор: Бизнис Мрежа
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








