ПОВЕЌЕ

    Структуриран преглед на КБ Инвест за пазарните движења со фокус на идните насоки

    Време зa читање: 13 минути

    Глобалните финансиски пазари минатата недела забележаа силен раст поттикнат од оптимизмот дека нестабилната рамнотежа во конфликтот на Блискиот Исток може да се одржи или дури и да се подобри, благодарение на примирјата и дипломатските сигнали меѓу САД, Иран и Израел, како и честите „вербални интервенции“ на американското раководство. Тоа доведе до нагло намалување на цените на нафтата и умерено повлекување на приносите, при што американските берзански индекси достигнаа нови рекордни нивоа, а технолошките акции беа дополнително поддржани од ентузијазмот околу вештачката интелигенција и позитивните финансиски резултати. Сепак, оваа позитивна слика беше нарушена со нови тензии за време на викендот, вклучително и повторната блокада на Ормутскиот теснец од страна на Иран и обновените израелски напади во Либан, што повторно ја истакна кревкоста на геополитичката ситуација и ризиците за глобалните енергетски пазари. Во исто време, Меѓународниот Монетарен Фонд, предупредува дека светската економија се соочува со комбинација од понизок раст и повисока инфлација, растечки јавни долгови, ограничен фискален простор, имотна нееднаквост и структурни слабости. ММФ предочува на големата зависноста на Кина од извозот, ја оценува економијата на Обединетото Кралство како кревка, додека кај американската економија која генерално сеуште се оценува како отпорна, се забележуваат зголемени притисоци кај слојот од населението со пониски приходи. Единствената посветла долгорочна перспектива останува потенцијалот на вештачката интелигенција од која се очекува да ја поттикне продуктивноста доколку се овозможи поширока и поефикасна примена на истата.

    • САД

    Индексот „S&P 500“ официјално затвори над 7.000 поени за првпат во историјата.

    Над 6,6 билиони долари беа додадени на американскиот берзански пазар за само 12 трговски дена. Индексот S&P 500 порасна за 11%, додавајќи 6,4 билиони долари на својата пазарна капитализација, додека индексот Nasdaq Composite се зголеми за 15%, додавајќи 5 билиони долари. Russell 2000 порасна за 13%, додавајќи 389 милијарди долари. S&P 500 достигна нов историски максимум, и тоа во услови на активна војна (напомена, одредени компании се дел од повеќе индекси и поради тоа збирната сума е помала од збирот на порастот кај сите индекси заедно).

    Каматите на федералниот долг на САД никогаш не биле повисоки: во првите шест месеци од фискалната 2025 година, трошоците за камата пораснале за 7% на годишно ниво, достигнувајќи 623 милијарди долари, што претставува највисоко ниво за овој период во историјата. Ова е дури и повеќе отколку за време на масовниот одговор на пандемијата во 2021 година, кога буџетскиот дефицит изнесуваше 1,7 билиони долари. Во последните 12 месеци, вкупните каматни трошоци достигнуваат рекордни 1,3 билиони долари. Како резултат на тоа, каматите сега се втора најголема буџетска ставка, веднаш по социјалното осигурување (1,6 билиони долари), и се за 300 милијарди долари поголеми од здравствените трошоци и за 400 милијарди долари поголеми од трошоците за одбрана. Кризата со американскиот долг е во полн ек.Американскиот долг што доспева за рефинансирање оваа година изнесува 8 билиони долари. Практично секој долар позајмен од 2020 година наваму сега треба да се рефинансира во 2026-та година. Тогаш каматните стапки беа речиси нула, додека денес се над 4,5%. Осум билиони долари се рефинансираат по повисоки трошоци, цените на нафтата носат нова неизвесност, инфлацијата повторно се засилува, а економскиот раст забавува, што претставува вистински притисок врз системот. Истиот долг, но во сосема поинакви услови. Затоа приоритет е да се одржат приносите на обврзниците ниски по секоја цена, бидејќи ако тие нагло пораснат, овој бран од осум билиони долари може да прерасне во многу поголем проблем.

    Пазарот на труд во САД со години изгледа стагнирачки. Од јануари 2024 година наваму, секторот здравство и социјална заштита додал околу 1,7 милиони работни места, додека сите останати индустрии заедно изгубиле околу 56.000 работни места. Дополнително, од декември 2024 година, истиот сектор додал околу 855.000 работни места, додека остатокот од приватниот сектор изгубил околу 322.000. Со други зборови, приватниот сектор без здравството губел просечно околу 21.500 работни места месечно во овој период. Во меѓувреме, работните места поврзани со грижа за постари лица пораснале за 18% од јануари 2020, наспроти само 4% раст кај сите други индустрии. Ако се изземе здравството, пазарот на труд во САД со години е во опаѓање.

    Во последните 30 дена се забележани 2,2 милијарди долари во совршено временски темпирани „short“ позиции на нафта, поставени непосредно пред три клучни објави. На 23 март, 500 милиони долари беа отворени 15 минути пред изјава на претседателот Доналд Трамп, по што нафтата падна 15%. На 7 април, 950 милиони долари се појавија пред најавата за примирје со Иран. На 17 април, 760 милиони долари беа поставени 20 минути пред иранска објава за отворање на Ормутскиот теснец, при што цената падна на 81 долар. Случаите отвораат сомнежи за користење на однапред познати информации.

    САД, минатата недела, извезоа рекордни 12,7 милиони барели нафта дневно.

    Според „Business Insider“, „Anthropic“ добива понуди за инвестиции при вреднување од 800 милијарди долари, што значи дека „Anthropic“ и „OpenAI“ сега може да се речиси изедначени по вредност. Импресивно е колку брзо „Anthropic“ го прошири својот бизнис во корпоративниот сегмент во споредба со „OpenAI“. Вреднувањето од 800 милијарди долари е повеќе од двојно во однос на претходната рунда финансирање, кога компанијата беше проценета на околу 380 милијарди долари.

    Според „Financial Times“, „OpenAI“ се соочува со сомнежи околу вреднувањето од 852 милијарди долари поради промена кон „enterprise AI“ и засилена конкуренција од Антропик, чиј приход нагло порасна до 30 милијарди долари, надминувајќи го темпото на OpenAI (отприлика 25 милијарди долари). И покрај тоа што има обезбедено 122 милијарди долари финансирање и силна поддршка од раководството, компанијата ги намалува споредните проекти и се фокусира на попрофитабилни производи како „Codex“, додека истовремено инвестира во инфраструктура и работна сила. Сепак, честите стратешки промени, напуштените иницијативи и засилената конкуренција од Антропик и Гугл, отвораат прашања за одржливоста на ова високо вреднување, особено во пресрет на можен ИПО.

    „Амазон“ потрошил повеќе за развој и проширување на својот бизнис во последните 3 години отколку во претходните 26 заедно.

    „Интел“ порасна за неверојатни 53% во последните 9 трговски дена и сега е зголемен за над 200% од купувањето од страна на администрацијата на Трамп.

    Падот на цената на златото сигнализира промена на пазарната динамика, при што некои централни банки по години купување сега продаваат злато поради притисоци од војната со Иран и потреба од ликвидност, што резултираше со пад на цената од околу 10% од јануарскиот врв. Високите цени на нафтата, нестабилните валути и растечките трошоци ги тераат особено земјите во развој да користат резерви за финансирање енергија, одбрана и стабилизација на валутите, додека посилниот долар и повисоките приноси ја намалуваат атрактивноста на златото, иако овие продажби се сметаат за тактички бидејќи златото и понатаму останува важен ликвиден резервен инструмент.

    Сепак, кинеските и американските инвеститори во злато реагираа различно на војната со Иран: ЕТФ фондовите во Северна Америка се намалија за околу 2,0 милиони унци во март, достигнувајќи најниско ниво за годината, додека во истиот период кинеските ЕТФ-ови додадоа околу 500.000 унци, до приближно 10 милиони, блиску до годишниот максимум. Од почетокот на 2026 година, нивоата на кинеските ЕТФ-ови пораснале за речиси 2 милиони унци, додека американските се намалени за околу 1 милион. Со други зборови, кинеските инвеститори го користат падот за купување златни фондови (ЕТФ-ови).

    • Европа

    Додека Ормутскиот теснец е блокиран, планот на Европа пренесен од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен  е: „Најевтината енергија е онаа што не ја користите.“ Останете дома, не возете, не користете струја!

    • Азија

    Кинеската економија забрза во првиот квартал, при што силниот извоз ја компензираше слабата домашна потрошувачка, иако енергетскиот шок предизвикан од војната со Иран се заканува да ја намали глобалната побарувачка и да го поткопа овој моментум. Бруто домашниот производ порасна за 5% во трите месеци до март, забрзувајќи од 4,5% во претходниот квартал. Урбаните инвестиции во фиксни средства се зголемија за 1,7% на годишно ниво во првиот квартал. Малопродажбата порасна за 1,7% во март на годишно ниво, додека индустриското производство се зголеми за 5,7%. Стапката на невработеност во урбаните средини изнесуваше 5,4% во март, малку повисока од 5,3% во февруари. Извозот порасна за 14,7% во доларска вредност, што е најбрз раст од почетокот на 2022 година. Но тој тренд веќе покажува знаци на забавување поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, при што Кина, како најголем увозник на нафта и економија силно зависна од извоз, останува ранлива на нафтен шок кој веќе го забавува трговскиот тек, ги зголемува производствените трошоци и ја влошува економската перспектива за остатокот од годината.

    Пред војната, Кина увезувала околу 11% од својата нафта од Иран, со што Иран бил нејзин трет најголем снабдувач после Русија и Саудиска Арабија, што ја покажува значајната енергетска поврзаност меѓу двете земји.  Покрај тоа, најголем дел од кинескиот увоз на нафта доаѓал од поширокиот регион на Блискиот Исток (околу 29%), додека 26% биле од остатокот од светот. Русија учествувала со околу 20% и Саудиска Арабија со 14%, што укажува на висока зависност од геополитички чувствителни региони, особено во контекст на тековните тензии и потенцијалните прекини во снабдувањето преку клучни транспортни точки како Ормутскиот теснец. Ваквата структура на увоз ја прави Кина ранлива на шокови во понудата, ценовни флуктуации и политички ризици, но истовремено ѝ овозможува одреден степен на диверзификација преку повеќе извори.

    Русија се понуди да ѝ помогне на Кина во случај на потенцијален недостиг на енергија, додека војната на Блискиот Исток ги продлабочува геополитичките поделби и го загрозува глобалното снабдување со суровини. Рускиот министер за надворешни работи, г-динот Сергеј Лавров изјави дека „Русија сигурно може да го пополни јазот за ресурси што се појави во Кина и во други земји заинтересирани за соработка на еднаква и заемно корисна основа“. Тој исто така се осврна на способноста на Кина и Русија да се справат со економските последици од, како што ги нарече, „агресивните“ воени активности на САД против Иран, кои доведоа до нагло зголемување на глобалните цени на нафтата и гасот.

    Војната со Иран сериозно влијаеше врз извозот на стоки од Индија, намалувајќи го за повеќе од 7% во март и уривајќи ги надежите за закрепнување во година веќе погодена од американските тарифи. Извозот падна на 38,9 милијарди долари, во споредба со 42,1 милијарди долари една година претходно. Падот е концентриран на клучните пазари, при што испораките кон Обидинетите Арапски Емирати се намалени за речиси 62% на годишно ниво, додека извозот кон САД, опадна за 21%. Слабоста е широко распространета низ главните извозни категории, земјоделски производи, текстил, хемикалии, електроника, како и накит и скапоцени камења.

    Ормутскиот теснец мината недела беше и под ефективна блокада од страна на Америка. Транзитот низ Ормутскиот теснец се намали на едноцифрен број дневно, од околу 135 во мирновременски услови. САД соопштија дека ниту еден брод не успеал да помине покрај нивните сили, додека 9 бродови се придржувале кон наредбите и се вратиле кон ирански пристаништа или крајбрежје. Понатаму, во петокот сведочевме на изјави за успешни преговори и прогласување на теснецот „целосно отворен“ од страна на Иранскиот министер за надворешни работи. Сепак, за време на викендот, после одредени инциденти и прекршување на кревкото примирје, ситуацијата и понатаму останува сложена и тензична.

    Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека поради тоа што Иран ги бомбардирал своите заливски соседи, тие земји сега се подготвени да бидат потранспарентни и да соработуваат со „американското министерство на финансии“ за замрзнување на ирански средства. Според него, нападите биле „фатална грешка“, бидејќи ги поттикнале соседните држави да дозволат подлабока истрага на средствата што се чуваат во нивните банкарски системи. САД веќе побарале замрзнување на повеќе средства поврзани со раководството на Исламската Револуционерна Гарда и други ирански лидери. Дополнително, Вашингтон предупредил дека ќе воведе секундарни санкции за земји и компании што купуваат иранска нафта или чуваат ирански средства. Бесент нагласи дека ова ќе биде „финансиски еквивалент“ на воените активности.

    Трошоците за увоз во Јужна Кореа растат со темпо невидено речиси 30 години. Увозните цени пораснаа за 16,1% месечно односно 18,4% на годишно ниво во март, што претставува најголем месечен скок од 1998 година. Ова се должи на речиси двојното зголемување на цената на „Дубаи“ нафтата (до цц 128 долари за барел) и слабеењето на корејскиот вон за 2,6% во однос на доларот. Како резултат, цените на суровините скокнаа над 40% месечно, дополнително притискајќи ги производителите, а се очекува овие трошоци постепено да се прелеваат врз потрошувачите, намалувајќи ја куповната моќ и економскиот раст.

    „Taiwan Semiconductor Manufacturing Company“ објави раст од 58% на добивката во првиот квартал од 2026 година, надминувајќи ги очекувањата и достигнувајќи нов рекорд, поттикнат од силната побарувачка за чипови за вештачка интелигенција. Приходите изнесуваа 1,134 билиони тајвански долари (околу 35 милијарди долари), над очекуваните 1,127 билиони, додека нето добивката достигна 572,48 милијарди тајвански долари, исто така над прогнозите од 543,32 милијарди. Ова претставува четврти последователен квартал на рекордна добивка за компанијата, додека приходите пораснаа за 35% на годишно ниво, дополнително потврдувајќи ја силната динамика на раст.

    Можности за инвестирање во наредниот период

    Во 2026 година глобалниот економски раст се очекува и понатаму да успорува, а макроекономскиот амбиент да се влошува. Геополитичките состојби носат големи ризици и огромна непредвидливост, што дополнително го усложнува амбиентот за инвестирање. Војната на Блискиот исток, пред се преку нагло зголемување на цените на енергенсите и закана за недостатоци, може силно да се одрази на трошоците на работењето и намалување на профитабилноста, а во исто време и да изврши зголемен инфлаторен притисок.  Промената на членови од ФЕД може да донесе друг пристап во однос на нивото на каматните стапки и приоритетите на нејзиното дејствување. Геополитичките настани, процесот на де – глобализација и раст на цените на потрошните добра и услуги ја намалува куповна моќ на потрошувачите и доведува до намалување на реалната потрошувачка. Централните банки на развиените земји влегуваат во неизвесен период во кој треба да одлучуваат помеѓу повисоки стапки на инфлација и намален економски раст. 

    Во овие услови, фондовите на КБ Инвест АД Скопје нудат можност инвеститорите да остварат соодветен принос во новонастанатите трендови и промени.

    Имено, КБ Инвест-Балансиран и КБ Инвест-Обврзници се оптимални за поконзервативни инвеститори кои сакаат да остварат повисок принос од кеш фондовите и депозитите. За оние инвеститори кои очекуваат дека ќе има намалување на каматните стапки за поттикнување на економскиот раст, што поволно влијае врз растот на златото, фондот КБ Инвест-Златен е одлична можност, придружен со фондот КБ Инвест – Обврзници како поконзервативна опција.

    Од друга страна, фондот КБ Инвест-Акции и КБ Инвест-МБИ10 нудат одлична можност за инвеститорите кои очекуваат дека ќе се избегне рецесија и ќе се стабилизираат монетарните политики на глобално ниво. За инвеститорите кои сакаат да заштедат на пократок период, максимум до 1 година, а воедно да остварат атрактивен принос, најповолен е фондот КБ Инвест – Паричен.

    Ние во КБ Инвест внимателно ги следиме движењата на глобалните пазари и ги анализираме потенцијалните влијанија на инвестициите. Нашиот пристап е фокусиран на долгорочна вредност, стабилност и информирани одлуки.

    Следете нè за редовни анализи и пазарни прегледи кои ќе ви помогнат да го разберете контекстот зад бројките.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично