ПОВЕЌЕ

    Имаме доволно горива и за домашните и за потрошувачите од соседството

    Време зa читање: 2 минути

    Во земјава нема ограничувања за точење гориво, а снабдувањето со нафта и нафтени деривати е стабилно. Напротив, потрошувачката бележи значителен раст, главно поради зголемен интерес на граѓани од соседните земји кои доаѓаат да точат поевтино гориво во Македонија.

    Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во моментов нема никакви проблеми во синџирот на снабдување и дека државата располага со доволни количини, како во резервите, така и преку цевководот од Солун до рафинеријата ОКТА, кој функционира непречено.

    „Состојбата со нафтените деривати е исклучително добра. Не гледаме ризик ниту за граѓаните ниту за бизнисите. Имаме доволно количини и сме во постојана координација со снабдувачите“, изјави Мицкоски.

    Тој нагласи дека потрошувачката во одредени денови е зголемена и до 30 проценти, особено во пограничните региони, каде што најголем е интересот од странски возачи. Причината, како што посочи, се значително пониските цени на горивата во земјава.

    Според него, дизелот во Македонија е поевтин за повеќе од 0,6 евра по литар во споредба со јужниот сосед, додека разликата со Србија изнесува околу 0,3 евра по литар.

    Освен тоа, истакна дека државата не само што ги задоволува домашните потреби, туку извезува и керозин, со кој се снабдуваат неколку аеродроми во регионот, меѓу кои и приштинскиот.

    „Со керозинот што го извезуваме, неколку аеродроми добиваат снабдување, како што е приштинскиот. Факт број еден е дека граѓаните кај нас користат најевтини горива во регионот, а факт број два е дека имаме доволно количини и засега не гледаме никаков предизвик поврзан со недостиг. Доколку се случи таков предизвик, ќе подготвиме нова стратегија“, вели Мицкоски и додава – доколку се појават евентуални нарушувања, Владата е подготвена навремено да реагира со нови мерки и прилагодување на стратегијата.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично