
Етаблираните друштва за управување со пензиски фондови: КБ Прво пензиско друштво и Сава пензиско друштво, минатата година заеднички заработија над 7 милиони евра. Друштвата за управување со пензиски фондови – задолжителни и доброволни, пред себе имаат голема одговорност, паметно да ги инвестираат парите на идните пензионери и да им обезбедат што е можно поголем принос. Тој рецепт е одлично исплатлив и за нив. Колку повеќе членови имаат, колку повеќе пари се слеваат во фондовите што ги управуваат, толку повеќе пари, преку законски надоместоци, ќе имаат и за себе. Во крајна линија, овие друштва се во приватна сопственост. И, нивната цел како и на секоја фирма, иако ова е сосема различна со посебни правила на игра, е – заработката. Токму тоа е во фокусот на анализата на порталот Пари – колку заработуваат друштвата што управуваат со пензиските фондови.
Експертите објаснуват дека овие добивки и парите што легнуваат на сметката на друштвата што управуваат со фондовите не треба да се мешаат со парите во самите фондови, односно со парите на идните пензионери. Така, и ако се види минус, тоа е загуба за самиот управувач со фондот, но не и за личната сметка на вработениот кој издвојува пари во одреден пензиски фонд преку придонесот.
А, два фонда минатата година ја завршиле со минус. Тоа се: Триглав пензиско друштво – управува со задолжителен и доброволен фонд, работи од 2019 година, а има загуба од 7.500 евра; и ВФП пензиско друштво – основано во 2022 година, управува само со доброволен пензиски фонд и лани направило загуба од речиси 138.000 евра.

Извор: Бизнис Мрежа
КОЛКУ ПОВЕЌЕ ЧЛЕНОВИ, ТОЛКУ ПОГОЛЕМА ДОБИВКА
КБ Прво пензиско друштво е во сопственост на словенечката финансиска групација Прва груп (51 %) и Комерцијална банка АД Скопје (49 %). Во двата фонда – КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд има вкупно 304.922 членови и управува со малку над 1,5 милијарди евра.
Законските надоместоци на КБ Прво пензиско друштво лани му донеле приход од 8,9 милиони евра. Тоа, по намирувањето на трошоците, овозможило чистата добивка да биде речиси половина од приходот, односно 4,1 милион евра.
Сава пензиско друштво АД Скопје е во сопственост на Позаваровалница Сава д.д Љубљана (100 %). Во задолжителниот и во доброволниот пензиски фонд има 282.238 членови, а инвестициското портфолио е над 1,4 милијарди евра.
Со вакво членство и портфолио Сава пензиско друштво имало приход од 7,6 милиони евра, а тоа му донело чиста добивка од дури 3,1 милион евра.
Триглав пензиско друштво е во сопственост на словенечката Заваровалница Триглав. Пензиското друштво и минатата, како и во 2024 година било во загуба, но факт е дека таа се намалила: во 2024 година негативното салдо изнесувало околу 245.000 евра, а во 2025 е 7.500 евра. И ова друштво управува со задолжителен и со доброволен пензиски фонд – со вкупно 78.418 членови и со инвестициско портфолио од над 276 милиони евра. Тоа му обезбедило вкупен приход од 1,7 милиони евра.
ВФП Пензиско друштво АД Скопје е дел од Групацијата ВФП за финансиско советување од Грац, Австрија. ВФП управува само со доброволен пензиски фонд кој има 822 члена и инвестициско портфолио од 4,3 милиони евра.
Законските надоместоци што ги добило друштвото лани биле 66.000 евра, но не ги покриле трошоците за работа, па било во загуба од 138.000 евра.
ОД ШТО ЗАРАБОТУВААТ ПЕНЗИСКИТЕ ДРУШТВА?
Пензиските фондови се однесуваат како инвестициски друштва. Ако сакате да инвестирате одредена сума на пари и ги доверите на некоја инвестициска куќа за да ви направи портфолио, за тоа ќе платите. Така е и со пензиските друштва. Тоа е нивна работа и за тоа наплаќаат. Но, колку може да наплатат и од што, е строго регулирано со закон. Во регулативата е поставена горната граница.

Согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, друштвото наплатува процент од секој уплатен придонес во задолжителен пензиски фонд, пред претворање на средствата во сметководствени единици и висината не може да надмине 2 насто од секој уплатен придонес. Според податоците од МАПАС, сите три друштва што имаат задолжителни пензиски фондови лани наплатиле помал надомест, 1,7 насто.
Потоа, друштвата наплатуваат месечен надомест од вредноста на нето-средствата на задолжителниот пензиски фонд. Висината на надоместот ја определува друштвото, но не може да надмине 0,03 насто од вредноста на нето- средствата. Токму за тој највисок процент лани се одлучиле сите три друштва.
ЗАДОЛЖИТЕЛНИТЕ ПРИВАТНИ ПЕНЗИСКИ ФОНДОВИ ПЛИВААТ ВО ПАРИ: Има над три милијарди евра
Во управувањето со доброволните пензиски друштва, има и ограничувања. За надоместот од приносот ограничувањето е 7 насто, но лани сите, освен ВФП, се одлучиле за 2,5 насто. ВФП наплатувал надомест од 2,9 насто. Месечниот надомест од вредноста на нето-средствата на доброволниот фонд, според Закон, најмногу е 0,15 насто, а лани сите наплаќале помалку – по 0,075 насто.
Редакција Пари
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








