Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до 18 април 2026 престојува во САД, Вашингтон каде што ќе учествува на Пролетните средби на ММФ и Светска банка. За време на престојот министерката ќе оствари средби со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, ќе оствари средби во Трезорот на САД, како и со претставници на повеќе меѓународни финансиски институции и инвеститори.
Димитриеска Кочоска ќе оствари средби со заменик-генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Јерон Клик, заменик-извршниот директор Марникс ван Рај, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер, со шефот на Мисијата на ММФ, Ник Гигинеишвили, како и со претставници од Одделот за фискални прашања при Меѓународниот монетарен фонд. Се очекува на средбите да бидат потврдени напорите на Владата за фискална консолидација и истовремен фокус на обезбедување економски раст, како и влијанието на кризата врз јавните финансии и врз економијата.
Во Светска банка, Димитриеска-Кочоска ќе оствари средби со потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, како и со извршниот директор во Одборот на Групацијата Светска банка – Холандска Конституенца, Јуџин Ругенат. На средбите во Светска банка ќе стане збор за реализација на Рамката за партнерство што нашата земја ја има со оваа меѓународна финансиска институција и можностите за нејзино искористување во реализација на проекти коишто се приоритет за развој на државата.
Исто така, министерката за финансии ќе оствари средби во Трезорот на САД, Канцеларијата ОТА, преку која се реализираат проектни активности во областа на јавните финансии со цел градење поефикасни институции, подобро управување со ресурсите, намалување на ризиците и поголема заштита на граѓаните.
Министерката во Вашингтон ќе оствари средба и со финансиски институции кои работат на меѓународните пазари.
На Пролетните средби на ММФ и СБ министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествува заедно со гувернерот на Народната банка Трајко Славески и делегација од Народната банка и Министерството за финансии. Во составот на делегацијата е и државниот секретар во МФ, Андриана Матлиоска.
Пролетните средби на ММФ и Светска банка традиционално се одржуваат во април секоја година и обединуваат министри за финансии, гувернери на централни банки, претставници на бизнис заедницата, невладиниот сектор, експертската јавност коишто отвораат актуелни теми од интерес за светската економија, како и предизвиците со кои се соочува светот и можностите за нивно надминувaње.
Аналитика








