ПОВЕЌЕ

    Мала поддршка за женските бизниси – 92 % од кредитите одат кај „машките“ компании

    Време зa читање: 3 минути

    Жените учествуваат со половина од економскиот потенцијал, но до капиталот стигнуваат многу потешко. Само 7,8 отсто од вкупната вредност на кредитите во земјава завршува кај компании во нивна сопственост – податок што јасно го отсликува родовиот јаз во финансирањето.

    Според анализата на Алијанса за родова еднаквост на работното место (GEA), заклучно со март 2025 година во земјава биле активни 32.469 кредити со вкупна вредност од околу 4,09 милијарди евра. Од нив, 86,2 проценти по број се доделени на компании во сопственост на мажи, а само 13,8 проценти на компании во сопственост на жени.

    Разликата е уште поизразена кога се гледа вредноста на кредитите. Над 92 проценти од средствата се пласирани кај таканаречени машки компании, додека женските учествуваат со само 7,83 проценти. Во просек, компаниите во сопственост на жени користат кредити од околу 68,9 илјади евра, речиси двојно помалку од машките, каде просекот достигнува 135,1 илјади евра.

    Овие разлики делумно се објаснуваат со структурата на бизнисите. Жените најчесто управуваат со микро и мали компании, каде и учеството во кредитирањето е највисоко. Во сегментите на средни и големи претпријатија, нивното присуство е значително пониско, што укажува на ограничени можности за раст.

    Дополнително, женските компании почесто користат краткорочни и среднорочни кредити, главно за ликвидност и тековно работење. Долгорочните кредити – клучни за инвестиции и развој – во поголема мера ги користат компании во сопственост на мажи.

    Анализата е дел од поширок процес што произлегува од приклучувањето на земјава кон глобалната иницијатива We-Finance Code, во соработка со Европска банка за обнова и развој и Народна банка на Република Северна Македонија. Со вкрстување на податоците од Централниот и Кредитниот регистар, за првпат се обезбедени детални родово раздвоени информации за пристапот до финансирање.

    Сепак, сликата сè уште не е целосна. Засега нема податоци за тоа колку кредитни барања се одбиени по основ на пол, ниту за депозитите на компаниите. Поради тоа, не може прецизно да се утврди дали помалото учество на жените е резултат на помал број апликации или на структурни бариери во процесот на одобрување.

    „Кредитната нееднаквост не е само родово прашање, туку економски предизвик што ја ограничува продуктивноста и растот“, посочуваат од Алијансата, нагласувајќи дека инвестирањето во женските бизниси значи инвестирање во поодржлива економија.

    Паралелно, организацијата спроведува активности за јакнење на економската улога на жените – од обуки за пристап до инвестиции до иницијативи за поттикнување на женското претприемништво, како и годишната конференција EqualXChange, чие петто издание ќе се  оддржи на 19 мај под мотото Money, Mind, Influence.

    (Фото: Freepik)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично