ПОВЕЌЕ

    УЈП ја таргетира сивата економија – трговците и угостителите под засилен надзор

    Време зa читање: 2 минути

    Трговијата на мало, угостителството и дел од услужните дејности ќе бидат под засилен фокус на даночните власти како најризични сегменти за неформалната економија. Активностите на УЈП за намалување на неевидентираниот готовински промет и „сивите“ трансакции остануваат насочени кон овие дејности, но со проширен надзор низ целиот синџир на снабдување – од набавка до продажба.

    Овој пристап е дел од новиот План за подобрување на усогласеноста – Неформална економија 2026–2027, кој УЈП го донесе како стратешки документ заснован на современиот концепт на управување со ризици. Наместо класичен пристап базиран само на контроли и санкции, фокусот се става на рано препознавање на ризиците и нивно адресирање преку комбинација од превенција, советување, таргетирани инспекции и системски мерки.

    Планот претставува продолжение на активностите спроведени во 2025 година, но со проширен опфат и порафинирана методологија. Освен класичните ризици како неиздавање фискални сметки, УЈП ќе ги следи и пошироките модели на неформално работење – плаќања во готово, набавки без евиденција и исплати „во коверт“ на неформално ангажирани лица.

    Дополнително, под лупа ќе биде ставено и краткорочното туристичко сместување, особено услугите што се нудат преку дигитални платформи, како сегмент кој брзо расте, но носи и зголемен ризик од непријавени приходи.

    Во следниот период се предвидува засилување на превентивните и информативните активности, преку подобра координација со други институции и поголема едукација на даночните обврзници. Намерата е компаниите и граѓаните не само да бидат контролирани, туку и да бидат насочени кон доброволно и долгорочно почитување на законските обврски.

    Контролите, пак, ќе станат попрецизни и поефикасни. Наместо да се сведуваат само на проверка на каси и документи, инспекциите ќе ја анализираат реалната економска активност – капацитетот на бизнисот, бројот на вработени, побарувачката и залихите, со цел да се открие евентуално прикриен промет. Воедно, ќе се применуваат и индиректни методи за процена на неевидентираните приходи.

    Меѓу системските мерки се предвидува и надградба на ГПРС системот за следење на готовинскиот промет во реално време, што треба да овозможи побрзо откривање на ризични однесувања.

    Крајната цел е намалување на неформалната економија и трансформирање на „сивите“ активности во формално работење. Успехот на мерките ќе се мери преку конкретни индикатори, пред сè преку растот на пријавениот промет кај бизнисите во таргетираните сектори.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично