
Велигден е Празник над празниците. Тој не се вбројува во ниедна група на празници, бидејќи нема рамен на него – тој е над сите. Тој ден верниците гo прославуваат враќањето на Исус Христос од мртвите и победата над смртта, поздравувајќи се со зборовите „Христос Воскресе – Вистина Воскресе!“.
Со доаѓањето на Велигден, се празнува победата на животот над смртта. Велигден и празниците поврзани со него секоја година паѓаат на различен датум. Пред одбележувањето на најголемиот христијански празник, претходи четириесетдневен пост. Постот претходи на Велигден, но на него се надоврзува последната седмица пред Велигден која се нарекува Страсната седмица. Таа почнува од Лазарева сабота и Цветници, кои се врзани празници. Овие два празника всушност се влез во Страсната седмица. За верниците, периодот пред празникот претставува патување исполнето со: покајание, прошка, измирување, молитва, пост и учење.
Со Велигден се поврзани најмногу празници во годината. Тие произлегуваат од него – или му претходат, како подготовка за празникот. Тие постојат од неговото постоење. И едните и другите се датираат според Велигден. На пример, најконкретно и неиздвоиво се поврзани со Велигден празниците 50 дена пред него и 50 дена по него. Секогаш, педесеттиот ден пред Велигден е Прочка и секогаш педесеттиот ден по Велигден е Дуовден (Педесетница). Потоа, празниците по Дуовден се нарекуваат недели по Дуовден. Спасовден е секогаш на 40 ден по Велигден.
КОЛКУ Е СТАРО ПРАЗНУВАЊЕТО ВЕЛИГДЕН?
Во почетокот на христијанството, уште веднаш почнало да се празнува Велигден. Тоа е првиот празник на христијаните. Најстариот празник. Почетниот празник. Но, во првите векови, немало ускладеност и еднообразност во празнувањето. Не го празнувале Велигден сите во исто време. Така било цели три века. Христијаните на Исток, во Азија: Ерусалимската, Антиохиската и Александриската црква го празнувале Велигден во исто време и на ист датум, но другите не. Тоа бил датумот на Старозаветната Пасха. Велигден се празнувал секогаш на 14 ден од првиот пролетен месец, без разлика во кој ден од седмицата ќе се падне тој датум. Значи, Велигден можело да падне и во петок и во вторник… А, уште повеќе што тоа било истовремено празнување на Велигден со Јудејската Пасха. Христијаните, пак, во Европа велеле дека е неприлично да го славиме нашиот најголем празник Велигден, заедно со најголемиот празник на Евреите – Пасха. Затоа, се определиле да го слават Велигден секогаш во неделниот ден по првата пролетна полна месечина. Тоа значело дека Велигден ќе биде секогаш во недела.
Велигден секогаш се паѓа во недела, затоа што во тој ден Христос воскреснал. Воскреснал во недела и треба да се празнува во недела. Но, одлуката не била донесена веднаш, туку денот кога треба да се слави воскреснувањето Исусово бил предмет на спорови.
Настанале спорови, расправии, кавги, непријателства и прекари, именувања едни кон други: едните ги викале „кватродецими“, на латински, што значи „четиринаестодневници“, другите „доминикани“ – „неделници“. Значи, календарското неединство е од дамнина. Не е нешто ново и нешто што ни се случува нам сега, туку постоело со векови.
Овие две различни празнувања на Велигден постоеле во првите три века, па дури на Првиот вселенски собор, во 325 година, било поставено и решавано прашањето за едно и заедничко празнување на Велигден за сите христијани. Соборот донел одлука: Велигден да се празнува насекаде во првата недела по Пасхалната полна месечина. Тоа, веднаш значело дека Велигден ќе биде секогаш по јудејската Пасха. Не треба да биде заедно со неа. Значи, Соборот ги определил: денот – недела; периодот – пролет; денски, сонцев знак – пролетната рамнодневница; ноќен, месечев знак – полна месечина, првата полна месечина во пролетта, по пролетната рамнодневница; споредбен празник – Пасха јудејска, секогаш во неделата по неа, но никогаш со неа, ни пред неа. Таа е старозаветна, а Велигден новозаветен. Таа претходи, а Велигден следи. Тој е Новата Пасха, објаснува проф. д-р Ратомир Грозданоски за МИА.
Ова правило од Соборот важи и до ден денес. Тоа не се темели на ничија мудрост или било каква поврзаност со нешто и со некого, освен со законите на вселената. Богомудро решиле светите отци и го поврзале Христовото воскресение со вселената, што значи дека тоа е од вселенско значење – за сите луѓе и за цел свет.
Велигден е дел од космосот и тој е неодвоиво поврзан со космичките движења, од дневното вртење на Земјата околу Сонцето. Тоа движење е непрестајно и ни ја претставува вечноста, и најголемиот христијански празник Велигден е слика на вечноста. Воскресението Христово и Распнувањето е со значење за целата вселена, за сето време и за вечноста. Тоа се решило така и започнале сите да празнуваат на ист ден. Настанало единство во сето христијанство – единство за Празникот над празниците. Но, не за долго. Всушност, уште веднаш се појавиле разлики по прашањето за часот и времето од денот. Спореле: Кога да почне празникот? Во недела, ама кога во недела? Имено, западните христијани – Римската црква рекла дека на полноќ се објавува Воскресението Христово и започнува Велигден. Буквално, на почетокот од денот недела. Христијаните на Исток, пак, започнувале еден час по полноќ, а некои, пред зори – во 4 часот наутро, по европско време. Оваа различност продолжила нови три и пол века. Дури на Шестиот вселенски собор, во 680/81 година, повторно било поставено за решавање разногласието за почетокот на Велигден. Соборот одлучил: Велигденскиот пост престанува на полноќ на Велика сабота и започнува Велигден на полноќ, веднаш, штом влегува во недела (89 Правило на Соборот). Оттогаш настанала истовременост на празнувањето. Започнала секаде еднообразност за Велигден. Христијанскиот свет имал ист празник, во исто време и час. Големината на Најголемиот празник се зголемила и со единството во празнувањето на празникот.
ЗОШТО Е ВАЖНА ПОСЛЕДНАТА СЕДМИЦА ПРЕД ВЕЛИГДЕН?
Затоа што таа е подготовка за дочекување на главниот празник, на Велигден. Последната седмица пред Велигден е специфична и е страдална седмица и затоа се нарекува Страсна или Страдална седмица. Тогаш се интензивираат и службите во православните цркви.
ВЕЛИКИ ПЕТОК ИМА ОГРОМНО ЗНАЧЕЊЕ ВО ПРЕСРЕТ НА ПРОСЛАВАТА НА ВЕЛИГДЕН.
Велики петок е ден кога под крстот на Христос останале само апостол Јован, Богородица и уште неколку жени. Тоа го сториле мотивирани од љубовта кон Христос. Велики петок е ден кога се исполнува сè по што следува оплакувањето и период на тридневен молк. Од моментот на оплакување следува период на исчекување на воскресението.
ШТО СЛЕДУВА ВО САБОТА?
Со означување на Христосовото воскресение, значајно е да се напомене дека оние кои постеле треба да се причестат. Целта на Христосовото доаѓање на Земјата е да може човека да го издигне на небото. Местото или настанот каде тоа се случува е причестувањето или влегувањето во реална мистична заедница со Бога. Причестувањето најсоодветно е да се прави на бдението вечерно, откако ќе се објави дека е полноќ, 12 часот и откако ќе се заврти три пати околу црквата. Некои луѓе кои не можат да издржат се причестуваат на саботната литургија, а некои на утринската литургија.

Црвеното јајце е симбол на празнувањето на Велигден. Дали бојадисувањето јајца во други бои е соодветен чин?
Црвеното јајце на Велигден е основен и вообичаен симбол кој може да се толкува на разни начини. Се разбира дека е соодветно да се бојадисуваат јајца во разни бои, на што особено се радуваат децата. Боењето и украсувањето на јајцата е одраз на личната креативност, внимание и љубов.
На Велигден се поздравуваме со поздравот “Христос воскресе!”, а возвраќаме со поздравот “Навистина воскресна”.
Овие поздрави се протегаат се до Спасовден и тоа е период на славење. Првата седмица по Велигден, до Томината недела, се нарекува Светла седмица. Специфична е по тоа што според празнувањата е најсветиот период во годината.
(Фото: Ксениа Лаптева, Nicu Farcaș )
Аналитика








