
Она што до вчера звучеше како далечна последица од геополитичките тензии, денес станува реалност на европските писти. Првите предупредувања за недостиг на авионско гориво веќе пристигнаа од Италија, сигнализирајќи дека кризата во снабдувањето со енергенси полека се прелева и во воздушниот сообраќај.
Во четири клучни аеродроми – Милано Линате, Болоња, Венеција и Тревизо – се воведени ограничувања за полнење гориво, поради намалени резерви. Според информациите од Air BP Italia, достапноста на керозин е ограничена, што ги принуди операторите да преминат на рестриктивен режим на работа.
Во пракса, тоа значи дека приоритет добиваат медицинските, државните и долголиниските летови, додека за останатите се воведуваат строги лимити. За дел од авионите, максималната количина на гориво е ограничена на околу 2.000 литри – доволно за помалку од еден час лет кај модели како „Боинг 737“ или „Ербас А320“. Без дополнително полнење на други аеродроми, ова практично го доведува во прашање извршувањето на одредени линии.
Иако дел од операторите се обидуваат да ја смират ситуацијата, нагласувајќи дека проблемот е поврзан со конкретен добавувач, предупредувањата од индустријата стануваат сè погласни. Синдикалните претставници веќе укажуваат дека кризата може брзо да ескалира доколку не се реши блокадата на Ормутскиот теснец – клучна точка низ која минува значителен дел од светската нафта.
Токму ова тесно грло во глобалниот енергетски систем веќе предизвикува сериозни последици. Цените на авионското гориво достигнаа околу 195 долари за барел кон крајот на март, што е речиси двојно повеќе од нивото пред почетокот на конфликтот. Аналитичарите предупредуваат дека ова е само почеток.
Според експертите од енергетскиот сектор, Европа се движи кон неизбежен недостиг на гориво за авиони во наредните месеци. Првите знаци веќе се видливи во Азија, каде дел од авиокомпаниите функционираат во вонреден режим, а истиот сценарио може да се прелее и на европскиот континент уште во април или мај.
Најранливи се земјите со ограничени резерви. Анализите покажуваат дека Португалија би можела да остане без залихи за околу четири месеци, Унгарија за пет, Данска за шест, додека Италија и Германија имаат нешто подолг временски простор од околу седум месеци. Франција и Ирска се проценуваат на околу осум месеци, додека Полска засега се смета за релативно стабилна благодарение на домашното производство и регионалните цевководи.
Во меѓувреме, авиокомпаниите внимателно ја следат ситуацијата. Некои, како Ryanair, веќе предупредуваат дека летната сезона може да биде доведена во прашање доколку кризата продолжи. Иако засега се очекува Велигденскиот сообраќај да помине без поголеми нарушувања, неизвесноста за следните месеци останува висока.
Дури и во сценарио каде горивото формално е достапно, растечките цени и логистичките ограничувања можат да ги натераат авиокомпаниите да ги намалат летовите или да ги менуваат распоредите. Тоа би значело помал избор за патниците, поскапи билети и потенцијални доцнења.
Кризата што започна како геополитички судир сè повеќе се претвора во економски и транспортен предизвик за Европа. Ако снабдувањето не се стабилизира, не е исклучено летото да донесе турбуленции не само на небото, туку и во целата авијациска индустрија.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








