Актуелната криза со нафта и гас предизвикана од блокадата на Ормузскиот теснец е „посериозна од оние во 1973, 1979 и 2002 година заедно“, изјави Фатих Бирол, шеф на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), за весникот „Ле Фигаро“. „Светот никогаш не доживеал прекин во снабдувањето со енергија од таков обем“, рече тој во интервју за францускиот весник објавено во вторничкото издание.
Тој рече дека европските земји, како и Јапонија, Австралија и други ќе страдаат, но земјите кои се најмногу изложени на ризик се земјите во развој кои ќе страдаат од повисоки цени на нафтата и гасот, повисоки цени на храната и општо забрзување на инфлацијата.
Земјите-членки на ИЕА се согласија минатиот месец да ослободат дел од своите стратешки резерви. Дел од нив веќе беа ослободени и процесот продолжува, рече Бирол.
Како реакција на нападите од Израел и САД, Иран речиси целосно го блокираше сообраќајот во Ормутскиот теснец, низ кој редовно течат околу 20% од светската нафта и гас, што предизвика пораст на цените на енергијата.
Цените на нафтата повторно растат пред истекот на ултиматумот што американскиот претседател Доналд Трамп му го постави на Иран. Пазарите на енергија внимателно ги следат случувањата во конфликтот, особено барањето на Трамп Иран повторно да го отвори Ормутскиот теснец или да се соочи со американски напади врз цивилната инфраструктура.
Барел сурова нафта од типот Западен Тексас Интермедиејт се тргува за околу 114 долари, додека суровата нафта од типот Брент се тргува за околу 111 долари за барел.
Аналитика








