
Гевгелија не е само град на границата и транзитот. Локалната економија се потпира на неколку силни столбови – индустриско производство, градежништво, прехранбен сектор, но и коцкарска индустрија, која со години има важно место во бизнис-структурата на градот. Токму таа комбинација создава економија што функционира различно од повеќето други градови во државата.
Анализираните податоци на „Пари“, во соработка со „Бизнис мрежа“, покажуваат дека десетте водечки компании во Гевгелија во 2025 година оствариле вкупен приход од 199,17 милиони евра, што е минимално намалување од 0,21 насто во споредба со 2024 година, кога вкупниот приход изнесувал 199,58 милиони евра. Од друга страна, добивката бележи многу посилна динамика, топ 10-те компании заработиле 19,21 милиони евра, што е раст од 30,7 насто во однос на 2024 година.
КОНТИ Е НА ВРВОТ, А ВЕТЕРИНАР ИМА НАЈГОЛЕМ РАСТ
Лани, лидер по приход во Гевгелија е Конти Хидропласт, компанија што произведува плочи, цевки и профили од пластични маси. Со остварени 49,9 милиони евра приход, компанијата бележи умерен раст од 0,74 насто и останува убедливо на врвот на локалната бизнис-елита.
Веднаш зад неа е Принцес Хотел и Казино, со 34,7 милиони евра приход и раст од 5,53 насто. Ова уште еднаш потврдува дека коцкарската индустрија и понатаму има сериозно економско влијание во Гевгелија, особено поради близината до границата и туристичко-транзитниот карактер на градот.
На третото место е Макотен, компанијата што стои зад Казино Фламинго, со 29,2 милиони евра приход, иако таму е регистриран пад од 4,74 насто. Слично благо намалување има и кај ДИЕМ-ГП, компанија за преработка и конзервирање овошје и зеленчук, која остварила 24,12 милиони евра приход и е веќе дваесетина години водечко претпријатие во оваа дејност.
Најголем пад меѓу водечките компании има кај УНИКО Роза, каде што приходот се намалил за 22 насто, од 19 на 14,8 милиони евра. Од друга страна, највисок процентуален раст има кај Ветеринар – живинарска фарма, со зголемување од 16,1 насто, додека Мултифреш и Солун 53 маркет исто така бележат двоцифрен раст.
Интересно е што структурата на водечките компании е мошне разновидна. На врвот има производствени компании, казино и хотелски бизнис, трговски синџири, живинарска фарма и градежништво, што покажува дека гевгелиската економија не зависи само од еден сектор.
Извор: Бизнис мрежа
ДОБИВКАТА РАСТЕ МНОГУ ПОБРЗО ОД ПРИХОДОТ
Најголемата разлика меѓу двете години се гледа токму кај добивката. Иако приходот речиси стагнира, профитот на десетте најуспешни компании е повисок за повеќе од 30 насто.
И тука лидер во 2025 година е Конти Хидропласт, со добивка од 7,8 милиони евра и раст од 12,84 насто. Компанијата е единствена што истовремено доминира и по приход и по профит, што ја прави најстабилен финансиски играч во Гевгелија.
Второто место ѝ припаѓа на ДИЕМ-ГП, која ја зголемила добивката на 2,7 милиони евра, додека силен раст бележи и Интер-Констракшн, каде добивката речиси е удвоена и достигнува 1,4 милиони евра.
Но, највпечатливи бројки има кај компаниите што минатата година имале многу ниска добивка. Добивката во БС Билдинг Лимитед скокнала од само 7.396 евра на 1,06 милиони евра, што претставува раст од над 14.000 насто. Силен раст има и кај Даунтаун-Инвестмент, каде што профитот се зголемил од 60 илјади на 941,7 илјади евра.
Од друга страна, пад на добивката има кај Еуроинг и Ветеринар, што покажува дека не успеале сите компании растот на приходот да го претворат и во поголема заработка.
Извор: Бизнис мрежа

Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








