Македонски телеком доби нов неизвршен член на Одборот на директори, откако Собранието на акционери го избра Александар Стоилевски на оваа функција.
Стоилевски стапува на должност денес, со мандат од четири години, согласно Статутот на Друштвото. Истовремено, Собранието ја констатираше оставката на досегашниот неизвршен член Иван Митровски. Како што е наведено, оставката е поднесена поради судир на интереси, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Промената во управувачката структура следи по препорака на Владата, која предложи разрешување на Митровски и избор на Стоилевски, како и овластување за нејзин претставник да учествува на Собранието на акционери.
Според доставената биографија, Стоилевски е магистер по мехатроника со повеќегодишно искуство во информатичко-комуникациските системи и управување со сложени технички процеси. Во својата кариера работел на развој и одржување на ИТ инфраструктура, стратешко планирање и координација на институционални и организациски проекти.
Аналитика








