ПОВЕЌЕ

    Македонската економија меѓу најранливите – ЕБОР за влијанијата на војната на Блискиот Исток

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија и Молдавија најверојатно ќе бидат меѓу економиите кои најсилно ќе бидат погодени од војната на Блискиот Исток. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ги издвои овие две земји меѓу 40-те во кои работи.

    Причините за таа процена се содржано во регионалниот економски извештај на ЕБОР. Како што се наведува, Молдавија и Македонија ќе бидат погодени поради нивната висока зависност од увоз на енергенси и ѓубрива, како и ограничениот фискален простор. Дополнително, се вели, Македонија ќе се соочи со последици и поради потребата од увоз на храна.

    Конфликтот на Блискиот Исток влијае врз економиите во кои делува ЕБОР преку повисоки цени на енергенсите и ѓубривата, нарушена трговија и туризам, како и заострени услови за финансирање. До 20 март, цените на гасот во Европа повеќе од двојно се зголемиле поради прекинот на производството на течен природен гас во Катар, додека цената на нафтата на 9 март надминала 100 долари (86 евра) за барел, поради ризиците за глобалната понуда доколку Ормутскиот теснец остане затворен.

    Постојаниот раст на цената на нафтата до 100 долари за барел може да го намали глобалниот економски раст за најмалку 0,4 процентни поени и да ја зголеми глобалната инфлација за повеќе од 1,5 процентни поени, оценува ЕБОР. Проекциите за раст за регионите во кои делува Банката би можеле да бидат намалени до 0,4 процентни поени кога институцијата ќе ги објави следните прогнози во јуни, доколку цените на енергенсите останат високи.

    Економското влијание од војната ќе зависи од времетраењето на конфликтот и од степенот на оштетување на енергетската инфраструктура, при што последиците најверојатно ќе продолжат и по завршувањето на непријателствата. Повисоките цени на енергенсите, ѓубривата и храната, заедно со нарушувањата во синџирите на снабдување, туризмот и дознаките од земјите од Заливот, ќе вршат притисок врз економскиот раст, ќе ја поттикнуваат инфлацијата, ќе ги оптоваруваат јавните финансии и ќе ги заоструваат условите за финансирање.

    Исто така, се нагласуваат и негативните ефекти што ќе произлезат од развиениот дел на Европа, особено од Германија како клучен трговски партнер за многу економии во регионите на ЕБОР. Се очекува тоа дополнително да го забави растот. Сепак, се вели, колкаво ќе биде влијанието – ќе зависи од фискалните и надворешните резерви на секоја земја и од нејзината способност да ги апсорбира овие шокови.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично