Цените на авиобилетите повторно се под притисок и можно е да продолжат да растат, предупредуваат анализи на Фајненшл Тајмс и на други релевантни извори, во услови на зголемени трошоци за гориво, геополитички ризици и ограничен капацитет во авиосообраќајот.
Според Фајненшл Тајмс, авиоиндустријата веќе неколку години се соочува со тренд на поскапување, при што во одредени периоди цените на билетите растеле и до двоцифрени стапки, како резултат на повисоки оперативни трошоци и силна побарувачка. Иако имаше сигнали за стабилизација, новите глобални ризици повторно го враќаат притисокот врз цените.
Во најновиот бран, главниот фактор е растот на цената на нафтата. Според податоци од индустријата, авионското гориво учествува со над 20 проценти во трошоците на авиокомпаниите, а во март годинава неговата цена нагло порасна – за повеќе од 50 проценти за само две недели. Тоа директно се прелева во цените на билетите.
Паралелно, големите авиокомпании веќе преземаат конкретни чекори. Дел од нив, пишува Гардијан, ги намалуваат летовите или воведуваат доплати за гориво, додека други директно ги зголемуваат цените. Во Европа, водечките превозници предупредуваат дека не можат бесконечно да ги апсорбираат трошоците и дека поскапувањето за патниците е неизбежно.
Дополнителен притисок доаѓа и од промените во рутите. Поради нестабилноста на Блискиот Исток, летовите се пренасочуваат, што ги продолжува патувањата и ја зголемува потрошувачката на гориво. Тоа, пак, значи помал капацитет и повисоки цени, особено за интерконтиненталните линии.
Експертите предупредуваат дека оваа комбинација – скапо гориво, геополитички ризици и ограничена понуда – може да доведе до нов бран поскапувања во текот на годинава. „Ако размислувате да резервирате лет, најдобро е тоа да го направите сега“, советуваат аналитичари од индустријата, посочувајќи дека неизвесноста најчесто значи повисоки цени во иднина.
Аналитика








