ПОВЕЌЕ

    НОВ УДАР ПО ЏЕБОТ НА ГРАЃАНИТЕ: Значително поскапување на бензинот и дизелот

    Време зa читање: 2 минути

    Значително поскапување на горивата стапува на сила од ноќеска на полноќ, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за максималните малопродажни цени на нафтените деривати. Со оваа одлука, бензините, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство ќе се продаваат по повисоки цени, што претставува ново оптоварување за граѓаните и транспортниот сектор.

    Според новиот ценовник, бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и екстра лесното масло за домаќинство, поскапуваат за седум денари по литар. Со тоа, максималната малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 86,50 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе достигне 88,50 денари.

    Зголемување има и кај дизелот. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 6,50 денари по литар и од полноќ ќе изнесува 92 денари. Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе се продава по цена од 89,50 денари за литар.

    Повисока цена ќе има и мазутот. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 4,867 денари по килограм и ќе изнесува 47,453 денари за килограм.

    Од Регулаторната комисија за енергетика објаснуваат дека новото зголемување на цените е резултат на растот на берзанските цени на нафтените деривати на светските пазари, како и на зајакнувањето на американскиот долар во однос на денарот во изминатиот петодневен период.

    Иако се работи за утврдување на максимални малопродажни цени, од Комисијата посочуваат дека трговците имаат можност горивата да ги продаваат и пониско од утврдените износи. Воедно, РКЕ упати препорака до нафтените компании да ги намалат цените за два денари по литар, повикувајќи се на договорениот попуст меѓу Владата и главниот снабдувач „Окта“, со цел граѓаните директно да почувствуваат делумно олеснување.

    Ова е второ значително поскапување во краток период. Само минатиот понеделник дизелот поскапе за 14 денари по литар, додека бензините се зголемија за пет денари.

    Според пресметките, со најновата одлука цените на горивата бележат просечно зголемување од околу девет проценти во однос на претходната недела. Сепак, од РКЕ тврдат дека и покрај растот на цените, горивата во земјава и натаму остануваат меѓу поевтините во регионот и во Европа.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично