
Во светската економија долго време владееше уверувањето дека кризите се случуваат повремено, а стабилноста е нормалната состојба.
Но, ако погледнеме во изминатите години, ќе забележиме дека светската економија сè почесто се соочува со нови потреси. Финансиската криза од 2008 година, пандемијата, енергетските шокови, војната во Украина, геополитичките тензии меѓу големите сили, како и најновите конфликти на Блискиот Исток, постепено ја менуваат нашата претстава за тоа како функционира глобалната економија.
Во вакви услови, секоја нова криза повеќе не може да се гледа како изолиран настан, туку како дел од поширок процес што ја обликува глобалната економија. Тоа особено се гледа во регионот на Блискиот Исток. Кога таму избувнува конфликт, последиците ретко остануваат само регионални. Тие брзо се пренесуваат на светската економија преку цените на нафтата и гасот, растот на инфлацијата, зголемените транспортни трошоци и реакцијата на финансиските пазари. Затоа, секој нов потрес во Регионот се толкува и како политички настан и како економски сигнал.
Токму затоа, геополитичките тензии најчесто најјасно се одразуваат на енергетските пазари. Историјата покажува дека движењето на цената на нафтата често е првиот сигнал за поголеми политички или економски турбуленции. Речиси секој поголем конфликт или економска криза остава јасен ефект врз енергетските пазари. Долгорочната динамика на цената на нафтата добро ги отсликува овие периоди на глобални потреси.

Ако се погледне подолгиот период на движење на цената на нафтата, ќе се забележат неколку јасни пресврти. По Заливската војна во 1990 година, цената нагло порасна, но подоцна повторно се стабилизираше. Азиската финансиска криза во 1997/1998 година ја намали глобалната побарувачка и доведе до пад на цените. Во 2008 година нафтата достигна рекордни нивоа, над 130 долари за барел, но со почетокот на глобалната финансиска криза само неколку месеци подоцна цената значително се намали. Слична динамика се случи и за време на пандемијата во 2020 година, кога глобалната економија нагло забави.
Овој образец не е случаен. На краток рок и понудата и побарувачката на енергија тешко се менуваат. Земјите не можат преку ноќ да го зголемат производството на нафта или да активираат нови наоѓалишта, а потрошувачите не можат веднаш да ја намалат зависноста од горивата. Затоа и релативно мал шок може да предизвика значителен скок на цените.
Но, на подолг рок пазарот постепено се приспособува. Високите цени создаваат стимул за поголемо производство, нови инвестиции и технолошки решенија. Во исто време, компаниите и домаќинствата почнуваат да бараат алтернативни извори на енергија или поефикасни начини на потрошувачка. Со текот на времето, првичниот шок се претвора во нова рамнотежа на пазарот.
Но, покрај движењето на цената на нафтата, енергетските кризи имаат уште една важна економска последица. Кога цената на нафтата расте, земјите извозници остваруваат огромни приходи. Понекогаш тие средства се толку големи што домашната економија не може целосно да ги апсорбира. Тогаш се создаваат значителни девизни вишоци – средства што не можат веднаш да се искористат во домашната економија.
Тука се појавува важна разлика меѓу земјите што произведуваат нафта. Некои од нив, особено богатите заливски економии со релативно ограничен број жители, немаат потреба веднаш да ги потрошат сите приходи од нафта во своите економии. Поради тоа, акумулираат значителни девизни вишоци и често се опишуваат како „low absorbers“ ‒ економии што можат да задржат голем дел од приходите и да ги инвестираат надвор од своите граници.
Наспроти ова, постојат земји како Нигерија, кои исто така произведуваат нафта, но се соочуваат со големи развојни потреби, инфраструктурни предизвици и силни буџетски притисоци. Во такви економии поголемиот дел од приходите мора да се искористи во домашната економија. Затоа овие земји се нарекуваат „high absorbers“.
Кај земјите што се опишуваат како „low absorbers“ се наметнува едно важно прашање: како можат да ги искористат овие големи нафтени вишоци?
Во пракса обично се применува комбинација од неколку стратегии. Дел од ресурсите се оставаат како долгорочно богатство за иднината, дел се извезуваат додека цената на нафтата е висока, а значителен дел од приходите се насочува кон инвестиции на глобалните финансиски пазари.
Од оваа економска логика произлегоа и суверените инвестициски фондови. Денес тие се меѓу најголемите инвеститори на глобалните финансиски пазари. Преку вложувања во акции, недвижности, инфраструктура и технолошки компании, тие го претвораат природното богатство во долгорочно финансиско богатство.
Но, во услови на геополитички тензии се отвора уште едно важно прашање: што би се случило ако дел од овие фондови почнат да ги пренасочуваат или повлекуваат своите инвестиции? Дури и без масовно повлекување инвестиции, само пренасочувањето на капиталот може да внесе нестабилност на финансиските пазари. Во такви услови, енергетското богатство повеќе не е само економски ресурс, туку може да стане и средство за геополитичко влијание.
Во такви услови се отвораат неколку можни сценарија за движењето на глобалниот капитал.
Едно можно сценарио е дел од земјите да почнат постепено да повлекуваат средства од странските пазари. Таквиот потег би можел да донесе поголема нестабилност на финансиските пазари, повисоки премии за ризик и построги услови за финансирање.
Второ сценарио е поголем дел од капиталот да се насочи кон домашни инвестиции со цел да се зајакне сопствената економија. Тоа може краткорочно да го поттикне растот, но истовремено носи и ризик од прегревање на економијата или од неефикасни инвестиции ако средствата се вложуваат пребрзо.
Постои и трето сценарио: постепено пренасочување на инвестициите кон други региони, особено кон Азија. Во ваков случај глобалните финансиски текови би почнале постепено да се пренасочуваат, создавајќи различна и мултиполарна структура на светската економија.
Ова сценарио не е само теоретска можност. Дел од овие промени веќе се гледаат во светската економија. Сè поголем дел од економската активност и инвестициите се насочуваат кон Азија. Кина, која е еден од најголемите увозници на нафта во светот, има силен интерес Блискиот Исток да остане стабилен. Секое заострување на конфликтите за неа значи поскапа енергија и поголема економска неизвесност. Овие процеси постепено создаваат нова геоекономска слика, во која традиционалните економски и политички врски се менуваат.
Сите овие промени покажуваат дека светската економија постепено влегува во нова фаза. Новите економски центри, променетите енергетски врски и геополитичките тензии создаваат поинаков глобален пејзаж од оној на кој долго време бевме навикнати.
На крајот, најважната поука е можеби едноставна: кризите повеќе не се исклучок во светската економија. Тие сè повеќе стануваат дел од нејзиното секојдневие. Затоа прашањето повеќе не е дали ќе има кризи, туку колку ќе бидат подготвени економиите да се справат со нив?
Пишува: Проф. д-р Весна Георгиева Свртинов – универзитетски професор
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








