
Геополитичките конфликти често изгледаат далечни од малите економии. Но, во глобализираниот финансиски систем, ефектите од една воена криза се движат брзо – преку цените на енергијата, транспортот, каматите и трговијата. За економии како македонската, кои се силно зависни од увоз на енергија и од извоз кон Европа, ваквите шокови може да се почувствуваат многу побрзо отколку што изгледа на прв поглед.
Најдиректниот канал преку кој кризите од Блискиот Исток стигнуваат до домашната економија е нафтата. Македонија практично целосно ги увезува нафтените деривати, а годишната потрошувачка се движи околу еден милион тони. Поради тоа, секое поместување на глобалните цени има непосреден ефект врз домашниот пазар на горива. Кога цената на суровата нафта расте за десетина долари по барел, цените на бензинот и дизелот на локалниот пазар обично се зголемуваат за пет до десет проценти. Ваквата динамика веќе беше видена во 2022 година, кога дизелот во земјата достигна повеќе од 110 денари за литар, што е највисоко ниво досега.
Но, ефектот не застанува на бензинските пумпи. Горивото е вградено во речиси секој производ и услуга, од транспортот на стоки до обработката на храна. Во македонската потрошувачка кошница храната учествува со повеќе од 40 проценти, а транспортните трошоци со околу 10 проценти. Затоа растот на цената на енергијата често предизвикува т.н. „ефект на домино“ во инфлацијата. Кога транспортот поскапува, растат и трошоците на производителите, а тие на крај се префрлаат во цените на полиците. Комбинацијата од енергетски шок и проблеми во снабдувањето ја доведе годишната стапка на инфлација во Македонија во 2022 година до речиси 20 проценти, што е највисоко ниво во последните три децении.
Паралелно со притисокот врз цените, кризите влијаат и врз реалниот сектор. Македонската економија е тесно поврзана со европските индустриски синџири, особено преку автомобилската индустрија, металургијата и производството на електронски компоненти. Вкупниот извоз на земјата изнесува повеќе од осум милијарди евра годишно, а над три четвртини од него завршуваат на пазарите во ЕУ.
Намалената побарувачка од странство значи помалку нарачки, одложени инвестиции и пад на индустриското производство. Во неколку месеци од 2023 година индустриското производство во земјата забележа пад од над пет проценти, делумно како последица на слабата побарувачка од европските пазари.
Финансискиот систем, пак, реагира поиндиректно. Банкарскиот сектор во Македонија е релативно стабилен и добро капитализиран, со ниско ниво на нефункционални кредити. Сепак, глобалните кризи се прелеваат преку каматните стапки и условите за финансирање. Кога централните банки во Европа ги зголемуваат каматите за да ја контролираат инфлацијата, тоа постепено се рефлектира и на домашниот пазар на кредити.
За државата, пак, кризите создаваат дополнителен буџетски притисок.
Не треба да се занемари ниту психолошкиот ефект врз граѓаните. Во периоди на неизвесност луѓето природно стануваат повнимателни со трошењето. Наместо потрошувачка, се зголемува штедењето и се одложуваат поголеми инвестиции – купување стан, автомобил или отворање нов бизнис. Во Македонија депозитите на населението веќе надминуваат осум милијарди евра, што покажува дека во периоди на нестабилност штедењето често се доживува како најсигурна стратегија.
Војната може да започне илјадници километри далеку, но нејзините ефекти се чувствуваат во цената на горивото, во сметките за струја, во цената на храната и во одлуките на компаниите и инвеститорите.
КАКО ВОЕНИТЕ КРИЗИ ГО МЕНУВААТ СЕКОЈДНЕВНИОТ БИЗНИС
Една од првите последици за компаниите е растот на трошоците за транспорт и осигурување. Во сегашната криза околу Иран, дел од танкерскиот сообраќај во Персискиот залив се намали за околу 70%, а некои бродски линии наплаќаат 1.500–2.000 долари дополнителен трошок по контејнер. За компаниите тоа значи пониски маржи, идложени испораки, повисоки цени за крајните купувачи.
Војните ја зголемуваат и неизвесноста, која е најголем непријател на инвестициите. Финансиските институции реагираат со поскапи кредити за компаниите, построги услови за трговско финансирање и намалување на кредитните лимити. Банките и осигурителите во такви ситуации ја намалуваат својата изложеност бидејќи ризикот од неисполнување на договори и прекин на испораки расте. За компаниите што зависат од увоз на суровини или компоненти, ова може да значи застој во производството, недостиг на делови и потреба за поскапи алтернативни добавувачи.
КАКО КРИЗИТЕ ГИ ПОГОДУВААТ ГРАЃАНИТЕ?
Најдиректниот ефект за граѓаните е поскапувањето на енергијата. Преку Ормутскиот теснец минуваат околу 20% од светските испораки на нафта, па пазарите реагираат со раст на цените. Тоа веднаш се прелева во повисоки сметки за струја и гориво, поскап транспорт и храна. Европската енергетска криза по војната во Украина, на пример, ги чинеше европските економии и домаќинства околу 1,8 трилиони долари во повисоки трошоци за енергија.
Енергијата е главна компонента и во производството на храна. Историските анализи покажуваат дека војните често предизвикуваат „ценовна зараза“ меѓу различни пазари, што доведува до синхронизиран раст на цените во повеќе градови и региони.
Што се однесува до пазарот на труд, воените кризи можат да создадат два спротивни ефекти. Негативните ефекти значат отпуштања во дејностите транспорт, туризам и извозни индустрии и пад на инвестициите. Позитивни ефекти може да бидат раст на вработувањата во одбранбената индустрија и нови профити од растот на цените на суровините. Но, на долг рок, растот на инфлацијата често ја „јаде“ реалната вредност на платите.
Кога геополитичките кризи и воените конфликти ја зголемуваат економската неизвесност, однесувањето на граѓаните на финансиски план се менува речиси по ист шаблон насекаде во светот: претпазливост, штедење и пренасочување на трошењето кон најнеопходното.
Еден од првите психолошки ефекти е т.н. „одложена потрошувачка“. Најчесто тоа се однесува на недвижности, автомобили, техничка опрема и други производи со повисока вредност. Наместо нови обврски и кредити, граѓаните се насочуваат кон финансиска сигурност. Во вакви периоди банките често бележат побавен раст на кредитите, додека депозитите на населението растат.
Паралелно со тоа, се менува структурата на потрошувачката. Наместо дискрециона потрошувачка – патувања, забава, луксузни производи, приоритет стануваат основните трошоци: храна, енергија, здравје и образование.
Еден карактеристичен феномен е и т.н. „претпазлива потрошувачка“. Луѓето не престануваат целосно да трошат, но купуваат поразумно. Наместо премиум производи, се избираат поекономични брендови, наместо импулсивно купување, се прави споредба на цени. Малопродажните компании во вакви периоди често забележуваат поголема побарувачка за приватни марки и производи со поповолна цена.
Во исто време, одредени категории на трошење дури и растат. Прво, расте трошењето за енергија и гориво, но не затоа што луѓето трошат повеќе, туку затоа што цените растат. Второ, расте интересот за производи што даваат чувство на сигурност: долготрајна храна, основни резерви за домаќинството, па дури и мали инвестиции во домашна енергетска ефикасност како штедливи уреди или изолација.
Кризите често ја зголемуваат и финансиската свест кај граѓаните. Луѓето повеќе размислуваат за ликвидноста, односно колку лесно можат да пристапат до своите пари ако им затребаат. Затоа дел од заштедите се насочуваат кон депозити по видување или сметки што овозможуваат брз пристап до средствата. Во некои случаи расте и интересот за традиционални „безбедни“ форми на чување вредност, како злато или девизни заштеди.
Сепак, ваквите промени не значат дека економската активност целосно запира. Наместо тоа, потрошувачката станува поселективна. Граѓаните продолжуваат да трошат таму каде што сметаат дека трошокот е неопходен или долгорочно корисен, додека импулсивните и луксузните трошоци најчесто се ставаат на пауза.
Р.П.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








