ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I СУЗАНА ДИМОВСКА: Чувството на припадност ме задржа 39 години во „Раде Кончар“

    Време зa читање: 6 минути

    Телефонски повици, многу информации, дневната агенда се менува во од. Во таква динамична средина, секојдневната максимална организација, фокусираноста на секој детал и високото ниво на дискреција стануваат клучни за непречено функционирање на колективот. Сузана Димовска, со своите 39 години стаж во „Раде Кончар“, е пример за тоа како довербата, одговорноста и посветеноста градат успешна и стабилна кариера. Мојата позиција на технички секретар ја сфаќам како врска меѓу директорот, вработените и надворешните соработници, вели таа во разговорот за Пари.

    По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, порталот Пари низ серија интервјуа ги претставува успешните и професионално реализирани жени, нивните кариерни патишта, предизвици и достигнувања со кои оставаат препознатлив, траен белег.

    Пари: Речиси четири децении сте дел од „Раде Кончар“. Како започна Вашиот професионален пат во компанијата и што Ве задржа толку долго во таа средина?

    Димовска: Точно 39 години сум дел од системот на „Раде Кончар“. Завршив средно електротехничко училиште и во тоа време беше предизвик да работиш во фабрика, особено за жена, односно млада девојка. На 20 години започнав да работам како винклер. Од денешна перспектива, тоа е една сериозно специфична професија, но за мене беше особена чест што воопшто ме примија да работам во ваква реномирана компанија. Во тој период во компанијата работеа голем број мајстори коишто своето знаење несебично им го пренесуваа на младите. Една година подоцна ме прераспределија на позицијата на која сум и денес.

    Од тогаш до ден-денес сум технички секретар на генералниот директор. Во текот на годините имав можност да стекнам големо искуство и да работам со одлични колеги. Чувството за припадност ме задржа толку долго овде. Тоа чувство за припадност, како и почитта што се гради со годините, недостигаат кај младите денес.

    Пари: Позицијата асистент или секретар често се перцепира како административна, но во пракса има многу поголема тежина. Како ја дефинирате улогата и значењето на оваа професија во една компанија?

    Димовска: Отсекогаш сум ја сфаќала мојата позиција како врска меѓу директорот, вработените и надворешните соработници. Јас сум врската меѓу приватниот и службениот живот на повеќето луѓе овде. Позицијата технички асистент бара добра организација, одговорност и комуникативност. Оваа позиција е важна поддршка на тимот што работи во компанијата.

    Пари: Често се вели дека добрата секретарка е „очи и уши“ на претпоставениот. Што значи тоа во пракса и колку довербата е важна во оваа професија?

    Димовска: Така е, јас сум тука да ги следам сите информации, состаноци и обврски на претпоставениот. Ако немам способност да се организирам, тогаш и процесот на работа ќе го почувствува тоа.

    Да се разбереме, довербата е клучен сегмент од оваа професија. Секојдневно се среќавам со доверливи информации и голема одговорност, затоа е потребно взаемно почитување со претпоставениот. Кога тоа не изостанува, сѐ оди поедноставно.

    Пари: Кои вештини и лични квалитети сметате дека се неопходни за еден човек успешно да ја извршува оваа работа – организација, комуникација, дискретност, брзо носење одлуки?

    Димовска: Секоја професија бара соодветни вештини и квалитети, така и оваа. Пред сѐ, за оваа професија многу е важна добрата организација, бидејќи секојдневно се среќавам со различни ситуации. Секојдневната комуникација со колегите е исто така многу важна, како и брзото реагирање во дадени ситуации. Сето ова е неопходно за работата да биде завршена навреме, а и сѐ да функционира во најдобар ред.

    Пари: Во текот на повеќедеценискиот стаж сигурно сте биле сведок на многу промени – и во компанијата и во начинот на работењето. Како се менуваше Вашата професија низ годините?

    Димовска: Така е, промените се случуваа како технолошки, така и организационо, но и структурно. Кога започнав, најголем дел од работите се извршуваа рачно, се пишуваше на машина, се праќаа писма преку телефакс, документацијата се водеше на хартија. Уште почудно за денешно време е тоа што целата оваа комуникација се одвиваше со нашата централа во Загреб, без застој.

    И ден-денес на младите колеги им раскажуваме како сето ова функционирало непречено, без користење на денешните модерни алатки и напредни технологии. Но, во суштина, основите на професијата останаа исти, а тоа се добра организација, одговорност, доверба и професионален однос.

    Пари: Покрај професионалните предизвици, животот Ве исправил пред сериозно здравствено искушение. Колку беше тешка таа борба и што Ви помогна да ги задржите силата и оптимизмот?

    Димовска: Во 2021 година се соочив со нов животен предизвик ‒ ми беше дијагностициран рак на дојка. Тоа беше тежок период за мене, исполнет со многу емоции, страв и неизвесност. Сепак, најпрво со голема поддршка од моето семејство, како и со силна волја да се изборам, успеав да го надминам овој предизвик.

    Кога човек ќе се најде во ваква ситуација, сфаќа колку е важна вербата во себе и позитивниот дух. Ова искуство ме направи посилна и ме научи уште повеќе да го ценам животот, здравјето и семејството. Не можам да кажам дека беше лесно, но јас сето ова го преточив во ново животно искуство.

    Пари: Многумина што споделуваат слични искуства велат дека оттогаш поинаку гледаат на животот. Дали болеста го промени Вашиот светоглед кон работата, семејството, секојдневието, вредностите?

    Димовска: Како што кажав, потребна е верба во себе и позитивен дух. Ако позитивната енергија нѐ напушти, ние му се предаваме на „непријателот“ од другата страна. Морам да кажам, ова искуство ги промени моите гледања на животот. Кога ќе се соочите со болест како рак на дојка, почнувате поинаку да го гледате животот. Сфатив дека најважни се здравјето и семејството, а секако тука се и колегите коишто ми даваа секојдневна поддршка. Научив повеќе да ги ценам малите нешта, да бидам потолерантна и посмирена. Научив дека најважни во животот ми се здравјето, блиските луѓе и малите задоволства.

    Од сето ова, најважно и најголемо богатство е дека во оваа борба не бев сама.

    Пари: Колку беше важна поддршката од семејството, колегите и работната средина во периодот на закрепнувањето?

    Димовска: Многу важна, имав голема поддршка од семејството, колегите и од директорката. Без нив немаше да опстанам. Закрепнувањето од оваа состојба е многу долго и бара голема трпеливост од мене, но и од сите околу мене.

    Пари: По сè што сте поминале – долгата кариера, семејните обврски и здравствената борба – што Ве мотивира денес и што Ви дава најголема сила?

    Димовска: Семејството, тоа е моторот на моето живеење.

    Пари: Ова интервју го правиме во пресрет на 8 Март. Што значи за Вас овој ден и која порака би сакале да ја упатите до жените, особено до оние што се соочуваат со животни предизвици?

    Димовска: Бидете храбри и не вртете се наназад. Животот нѐ става пред искушенија коишто треба исправено да ги пречекаме и надминеме. Жената е столб на семејството, но и на работењето. Таа поседува лојалност, чувствува припадност и пожртвуваност. Тие се најважните карактеристики на еден успешен човек.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично