ПОВЕЌЕ

    За приход до 4 милиони денари нема данок на добивка – нов предлог од група пратеници

    Време зa читање: 3 минути

    Растоварување на фирмите со пониски приходи преку зголемување на прагот за ослободување од данок на добивкаод сегашните 3 милиони на 4 милиони денари. Ова го предвидува предложеното решение за изменување на Законот за данокот на добивка. Истовремено, ќе се зголеми и вториот праг, за фирмите со приходи до 7 милиони денари, кои ќе можат да изберат дали ќе плаќаат 1 процент од вкупните приходи или 10 проценти од остварената добивка.

    Со тоа, дел од бизнисите би биле целосно ослободени од оваа даночна обврска, а намерата е да се подобри ликвидноста на малите фирми и да им се остави повеќе простор за инвестиции, развој и отворање работни места, што би имало поширок ефект и врз севкупната економска активност.

    Предлог-законот е во фаза на прво читање и е ставен на дневен ред на седницата на Собранието закажана за 10 март. Предлагачи се пратениците Илире Даути, Елми Азири и Зијадин Села од Алијансата на Албанците.

    Клучната измена се однесува на прагот за ослободување, одреден во член 32 од Законот. Во образложението се посочува дека „зголемувањето на прагот за ослободување од данок на добивка за мали бизниси од 3.000.000 на 4.000.000 денари има за цел да ги поддржи малите претпријатија, кои често се изложени на поголеми фискални и оперативни трошоци“. Според предлагачите, на тој начин компаниите ќе можат „да задржат повеќе средства за инвестиции, развој и подобрување на своите оперативни капацитети“, што е особено важно во услови на економски предизвици и силна конкуренција.

    Предложените измени го опфаќаат и прагот за компаниите кои можат да изберат поедноставен модел на оданочување. Во член 33, сегашниот опсег од 3.000.001 до 6.000.000 денари се заменува со 4.000.001 до 7.000.000 денари. Тоа значи дека трговските друштва ќе имаат можност да изберат меѓу два модели – плаќање на 1 процент од вкупните приходи или 10 проценти од остварената добивка.

    За компаниите со повисоки приходи, системот останува непроменет. За трговските друштва со приходи над 7 милиони денари продолжува да важи стандардната стапка од 10 проценти на добивката што, како што се наведува во образложението, обезбедува „јасен и предвидлив принцип во даночниот систем“.

    Според предлагачите, предложените решенија имаат за цел да создадат поволна фискална средина за малите и средните претпријатија, кои се важен двигател на економијата. Во образложението се нагласува дека измените треба да придонесат за „поддршка на развојот, иновациите и создавањето нови работни места“, како и за зголемување на економската активност и конкурентноста на домашните компании.

    Воедно, се наведува дека спроведувањето на одредбите од овој предлог ќе има финансиски импликации врз Буџетот, бидејќи намалувањето на даночниот товар ќе доведе до пониски приходи по основ на данокот на добивка. Сепак, очекувањата се дека долгорочното зајакнување на бизнисите и економската активност може да создаде позитивни ефекти врз вработувањето, инвестициите и економскиот раст.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично