ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I МИЈАТА: И на контролната кула и на сцената, одговорноста е иста

    Време зa читање: 11 минути

    Наташа Крстевска, попозната како Мијата, веќе 25 години работи како контролор на летање – професија во која одлуките се мерат во делови од секунда, а одговорноста во човечки животи. Паралелно со тоа, на македонската музичка сцена е присутна од 2005 година – од „Идол“, преку разни фестивали, до авторска кариера. Има време и за остварување повисоки цели и се труди да внесе ведрина во животите на децата од СОС Детско село.

    Во интервјуто за Пари зборува за дисциплината, адреналинот, мајчинството и за мисијата да ги охрабри девојките да влезат во авијацијата, и нагласува: Не постои „не може“ ‒ ни на небото, ни во животот.

    Пари: Работите како контролор на летање, професија што подразбира огромна одговорност и работа во три смени. Како изгледа еден Ваш ден кога треба да ги усогласите небото, сцената и семејството?

    Мијата: Форматот на живеење ми е како по Кембриџ-метода. Ги делам обврските по денови. Изгледа чудно, но понекогаш чувствувам дека работата, контролата на летање, што е многу стресна работа, ми е психички одмор. Голема магија ми се случува во автомобилот, таа трансформација од Петровец (каде што работи – н.з.) до Ѓорче Петров (каде што живее – н.з.). Имам 30 минути да се спуштам на земја и да влезам во улогата на мајка, сопруга и домаќинка. А пеењето, како посебна активност, повеќе е поврзано со духовната состојба. Едниот сегмент се студиото и инспирацијата, а другиот улогата на забавувач, што е многу близок сегмент од мојот карактер со она што е контрола на летање. Има голема поврзаност. Не е само микрофонот, туку и одговорноста. Одговорност кон публиката, одговорност кон пилотите, одговорност кон патниците. Одговорноста луѓето да се чувствуваат добро, безбедно и пријатно.

    Пари: Контролата на летање и музиката изгледаат како два сосем различни света. Што Ве исполнува повеќе – моментот кога безбедно ќе приземјите авион или аплаузот од публиката?

    Мијата: Не е едноставно да одговорам. Не затоа што се споредливи или мерливи, туку затоа што мојата професионалност веќе е рутина. Можам да кажам дека по 25 години во контрола на летање не е ист адреналинот како што бил во првите 5 или 10 години. Сега имам искуство. Исто така, повеќе се сеќаваме на нешто невообичаено што ќе се случи, ќе нè измести и е адреналински шок, отколку на ова секојдневно безбедно слетување.

    Што се однесува до музиката, пак, односно настапот во живо на сцена ‒ многу поретко настапувам и затоа тоа ниво на возбуда што го имам е сѐ уште почетничко. Исто така, предизвик ми е затоа што јас треба да го осмислам репертоарот во согласност со приликата и публиката. Потоа, од сцена, треба да ја чувствувам публиката, што посакува… Не велам дека одговорноста е поголема или помала, тоа е неспоредливо, затоа што во контрола се работи за животи, а овде за забава и пријатно чувство, меѓутоа оптоварувањето како координатор на бендот и како вокален изведувач и човек што цело време ја наслушнува публиката, е многу големо оптоварување. Два часа на сцена е многу потешко од два часа пред микрофон на фреквенција на контрола на летање.

    Пари: Колку е тешко да се пробиваш на сцена во македонски услови и со многу предрасуди за девојките и жените?

    Мијата: Не е едноставно да се пробиеш на сцена, затоа што некогаш многу зависиш од контактите и од луѓето. Треба да ги знаеш вистинските луѓе што ги познаваат вистинските менаџери, вистинските организатори на фестивали, композитори… Но и јас, со моите обврски, немам време за таков вид комуникација. Пресреќна сум и со ова ниво што го имам постигнато, да имам бенд и мои браќа и сестри за на сцена. Долго време бев во студио, не зашто не сакав настапи во живо, туку логистички беше поедноставно. И сега, кога има настап, јас мора да се вклопам во распоредот, да најдам смена и да се организирам. Мислам дека е ова оптимално, ако повеќе музички се активирам можно е да крахираат некои други сегменти. Исто така, ако немам што да кажам, немам ни што да отпеам.

    Исто така, бев многу ангажирана со Здружението на контролори на летање, четири години бев претседател. Тоа одзема дополнително време, кај нас секогаш е турбулентно, интересно и многу содржајно. Мандатот заврши и можеби сега поактивно ќе се занимавам со музика.

    Пари: Колку дисциплината и фокусот од професијата контролор на летање Ви помагаат во музичката кариера?

    Мијата: Многу. Не бев свесна колку професијата ми го обликувала карактерот. Во текот на пандемијата снимав спот „Маска“ и го имав напишано сценариото за секоја минута од спотот. Го снимаше Сашо Доковски, кој рече: „Толку години снимам, ова ми се нема случено“. И навистина, сѐ се реализира така како што беше напишано. Всушност, во снимањето спотови најмногу ми се гледа организацискиот момент. И не знам дали е тоа од професијата или и карактерот ми е таков, па сум станала таков тип професионалец. За мене не постои „не може“, „нема шанса“ и „нема како“. На пример, еднаш имавме ситуација на виорен бран, како ѓердан нанижани кумулонибуси во дијагонала над цела Македонија. И доаѓа Туркиш ерлајн оддолу и не може да пробие. Таа линија оди до Јадран, до Романија. Го качуваш, качуваш и изби, значи мора да има начин.

    Пари: Како мајка на две деца, што значи за Вас 8 Март? Дали жените денес мора да бидат суперхерои за да успеат?

    Мијата: Убаво ми е за 8 Март кога ми прават децата честитки. Имам доста феминизам во себе. Осми март ми е како мементо за големата вековна неправда, потсетник. Еве интересна приказна. Кога тргнав на работа, се затеков во колектив со неколку жени. Од 100 контролори, дваесетина жени. И јас таа ситуација ја зедов здраво за готово. Но, подоцна, кога ми дадоа задача од IFATCA (International Federation of Air Traffic Controllers’ Associations) за нивниот магазин да направам интервју со една од постарите колешки, сфатив дека тие што биле пионерки изоделе трнлив пат. На пример, моја постара колешка, кон крајот на 70-тите години аплицирала во Белград, во тогашна Југославија, за контрола на летање. Добила одговор – не може, тоа е позиција за мажи, пријави се за стјуардеса. Јас од ова седиште во контрола на летање не можам ни да замислам дека било така. Сепак, повторно е мала бројката на жени во контрола на летање, заминуваат во пензија, и исто сме дваесетина, но сега има и повеќе контролори, околу 120.

    Инаку, жените се суперхерои. Имаат толку многу обврски. Многу ми се допаѓа тоа што го правеа Биби и Боби, дека нема машка работа, нема женска работа. Верувам во тоа, но се борам со стереотипите.

    Пари: Жените немаат интерес за оваа професија?

    Мијата: Не можам да откријам. Преку здружението AVICON го организираме настанот Skopje Air Fair и имаме мисија да го подигнеме интересот за воздухопловството кај младите. Многу апстрактно го доживуваат и мислат дека се потребни големи врски, а не е баш така. Воздухопловството бара одредени вештини и треба да се види дали ги имаш или ги немаш. Но, интересот, дали дека не функционира како порано Народна техника, моделарство, дали девојчињата се задоени дека тоа е машка работа, не можам да откријам. А, напротив, многу е женска оваа професија – бара способност за истовремено извршување повеќе задачи, а тоа е природна женска особина. Секогаш одам на отворени дебати и јавни настани и велам дека ако има девојки заинтересирани за СТЕМ, треба да се насочат кон авијацијата. Ние, жените, имаме природна емпатија. Затоа и се чудам зошто нема жени и се трудам да ги охрабрам. Навистина, долго време во минатото оваа професија се доживуваше како машка, недостапна, а и, обично, таму каде што има високи плати, не им се дава пристап на жените.

    Пари: Кога сме кај платите, и европските и светските статистики покажуваат дека за исти работни места различни се платите на извршителите, зависно од полот. Дали е тоа случај и кај вас?

    Мијата: Не, кај нас не е тој случај. Коефициентот се врзува со лиценца, а лиценцата не препознава пол ‒ како кај пилотите, така и кај контролорите. Овде правилата и процедурите се ригорозни, има задолжителни обуки, и можам да кажам дека поголема жртва ми било да се обезбедам во улогата на мајка и контролор на летање, отколку мајка и пејачка. Затоа е препорачливо регрутацијата на кандидати да е на возраст од 18 до најмногу 27 години, затоа што и мозокот подобро им работи, а и подослободени се од останатите обврски и можат целосно да се посветат и да се изградат како контролори на летање. Сепак, не се жените секаде малцинство. Во Јапонија и во Турција е пола-пола, исто и во Средна и Латинска Америка. Низок е процентот на жените во Европа, Африка, САД.

    Пари: Активно сте вклучена во работата на СОС Детско село и сте сертифицирана за заштита на децата и младите. Што Ве мотивираше да ја прифатите оваа улога и одговорност?

    Мијата: Соработката со СОС Детско село дојде многу спонтано. Прво ме поканија да бидам член на Генералното собрание, што и не беше работа што бара многу, но тука се информирав за принципот на работа. СОС Детско село има одиграно многу голема улога во будењето на министерства, закони, згрижувачки семејства и сл. ‒ како движење, како влијание што го има. Од неодамна сум дел и од Управниот одбор и тоа ми беше природна прогресија, затоа што однатре ги запознав работите и сакам да придонесам. Не постои на планетава нешто повеликодушно, поблагодарно од тоа што го прават таму жените мајки. Драго ми е што и јас можам да внесам поразлична динамика во нивното секојдневие. Не можеш да го смениш тоа што им се случило, но можеш да направиш секојдневието да им биде ведро и позитивно. Се гордеам што сум дел од таа мисија. Стојам сто насто зад каузата на СОС Детско село.

    Пари: Често ја истакнувате меѓународната порака дека заштитата на децата е заедничка задача. Сметате ли дека општеството навистина сфаќа и дејствува во насоката секое дете е наше дете?

    Мијата: Светот би бил многу подобро место кога тоа навистина би се случило и кога секој така ќе гледа на тоа. За жал, во нашето општество тој пристап сѐ уште не е изразен, дури ни кај професорите, наставниците коишто и по вокација треба така да гледаат на тоа. Но, кога би ја споделиле општествената одговорност сите заедно, светот навистина би бил подобро место.

    Пари: Кој е најголемиот придонес што се надевате дека ќе го оставите во животите на децата и младите?

    Мијата: Има една порака за Меѓународниот ден на жените во авијација. Обединети сме сите контролори, пилоти, UN Women, на глобално ниво, и вели: „Права, правда и акција за сите жени и девојки, издигнување на жените“ (Rights, Justice, Action for All Women and Girls, Elevating Women). Истото можам да го кажам за децата – да ги подигнам. Не смеат цел живот да бидат поистоветувани со траумите што им се случиле. Треба да се најде модус како да го надминат тоа и да станат функционални личности во општеството. Годинава слават јубилеј 25 години, инволвирана сум во организацијата, им давам креативна поддршка. Исполнета сум кога гледам видеа од возрасни, кои биле дел од СОС-програмата, кои станале прекрасни луѓе. Немам агенда како да им влијаам, само сакам да уживам во нивниот развој во среќни луѓе.

    Пари: Кои животни принципи или навики Ве водат за да ја балансирате професионалната одговорност, уметничкото изразување и семејниот живот?

    Мијата: Главниот постулат е дека треба зборот да ти вреди. Ако кажеш некому нешто, ако ветиш дека тоа ќе се случи, мора да најдеш начин да го извршиш. Дали е дете, работа, дали е некоја млада непозната личност што конкурира во контрола на летање, продуцент со кој треба да работам итн., одговорноста е иста. Ако кажам да, ќе го сторам тоа, тогаш тоа е закон. Тоа ме води, паралелно со она: не прави нешто што не сакаш да ти се врати.

    Пари: Ако треба со една реченица да ги инспирирате младите девојки коишто сонуваат за кариера, семејство и општествен ангажман, што би им порачале?

    Мијата: Советот од мене за сите прекрасни Македонки – најважно од сѐ е да се издигнат на едно внатрешно ниво на самодоверба, и, пред сѐ, да му веруваат на својот инстинкт. Да се ослободат од потребата за позитивна повратна реакција од луѓе што ниту ги разбираат, ниту ги заслужуваат, ниту ги знаат нивните капацитети. Особено што во Македонија успехот и убавината не се простуваат и ќе има многу луѓе на нивниот пат коишто ќе сакаат да ги унижат, да ги уништат. Да се дојде до нивото кога нема потреба некој да ѝ каже колку е добра, зашто самата знае – е, тоа е тајната за успехот.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично