Мермерен комбинат Прилеп ја заврши 2025 година со позитивен финансиски резултат, но со пониска добивка во однос на претходната година. Нето-добивката од 12,6 милиони евра е за 15 отсто под остварените 14,8 милиони евра на крајот од 2024 година.
Оперативната добивка, според податоците од компанијата, достигнала 14,1 милион евра и е намалена за 15 отсто на годишно ниво. EBITDA изнесува 16,3 милиони евра, што претставува пад од 14 проценти во споредба со претходната година.
Вкупните приходи од продажбата се во износ од 30,5 милиони евра. За околу 4 отсто помалку во однос на споредбениот. Компанијата и натаму е силно извозно ориентирана – 30,1 милион евра или 98,71 отсто од вкупната продажба се реализирани на странските пазари. Во 2025 година проселедни со пад од 4 отсто. Иако со далеку понизок удел – од скромни 1,29 отсто, продажбата на домашниот пазар пораснала за 45 насто, при што е забележан финансиски ефект од 393 илјади евра.
Според сегментите, рудникот останува клучен генератор на приходите со 29,75 милиони евра, односно со 97,44 проценти од вкупната продажба. И овде има пад, од 3 отсто. Приходите од фабриката се намалени за 20 отсто (752,8 илјади евра), додека кај фотоволтаиците е регистриран пад од 34 проценти (27,7 илјади евра).
Иако оперативната добивка и EBITDA се намалени, од друштвото посочуваат дека тоа првенствено се должи на еднократните стратешки прилагодувања и регулаторни измени на ниво на индустријата. Трошоците за продадени производи се зголемиле за 17 насто поради ликвидација на застарени фабрички залихи. Ова еднократно чистење влијаело врз трошковната структура, но го оптимизирало профилот на залихите.
Дополнително, по измените на Тарифата за утврдување на висината на надоместоците за експлоатација на минерални суровини од 2024 година, концесискиот надомест е зголемен за 312 насто.
Оперативните расходи изнесуваат 16 милиони евра. Нивната годишна промена е плус осум насто. Најголемиот дел го загфаќаат трошоцие за вработените (+8 %), а тие за суровини и други се зголемени за 7 насто.
Од Мермерен комбинат оценуваат дека се добро позиционирани за годинава да одговорат на променливата пазарна динамика преку зајакната капитална структура и дисциплинирано управување со трошоците. Фокусот останува на клучните странски пазари и клиенти со висока додадена вредност, со цел обновување на растот и одржување на стабилно и профитабилно работење.
Аналитика








