
Дигиталните граници меѓу Македонија и Европската Унија би можеле наскоро да станат минато. Додека во Брисел се отвора процесот за проширување на европската роаминг-зона кон Западен Балкан, во Скопје веќе се финализира законската рамка што треба да ја внесе земјата во режимот „Роаминг како дома“.
Европска комисија вчера соопшти дека ќе побара одобрение од Совет на Европската Унија за започнување билатерални преговори со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Целта е овие земји постепено да станат дел од европскиот систем што им овозможува на граѓаните да користат мобилен интернет, да остваруваат повици и да испраќаат пораки без дополнителни трошоци кога патуваат во рамките на Унијата.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оценува дека процесот не е само формална најава, туку веќе има конкретна динамика. Според него, информацијата од Комисијата е доказ дека иницијативата е активна и дека Македонија е директно вклучена во нејзината реализација.
Иако не сака да прогнозира точен датум кога македонските граѓани ќе можат да користат мобилни услуги во ЕУ по домашни тарифи, министерот посочува дека процесот зависи и од склучување посебни договори со телекомуникациските оператори во Унијата, што бара дополнително време и координација.
Во моментов, разликите меѓу системите се очигледни. Во ЕУ дополнителните трошоци за роаминг се укинати, додека во рамките на Западен Балкан постои горна граница од 18 евра по гигабајт. Дел од операторите доброволно ги намалија цените за патниците меѓу двете области, но тие договори се ограничени и необврзувачки.
Доколку преговорите завршат успешно и законските измени добијат зелено светло од Брисел, тоа би значело дека граѓаните и компаниите од Македонија ќе можат да користат мобилни услуги низ Европската Унија без дополнителни трошоци – исто како дома. За многумина, тоа нема да биде само олеснување на месечната сметка, туку и уште еден конкретен чекор кон подлабока европска интеграција, овојпат мерена во мегабајти наместо во политички декларации.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








