ПОВЕЌЕ

    КОЛКУ НАВИСТИНА СЕ БЕЗБЕДНИ РОБОТАКСИТЕ: 14 судири за неколку месеци

    Време зa читање: 3 минути

    Идејата зад роботаксито е едноставна: автомобил без возач треба да вози побезбедно од човек. Но најновите податоци од американските регулатори отвораат прашања дали тоа навистина е случај со флотата на „Тесла“ во Остин, Тексас.

    Според ажурираните поднесоци до Националната администрација за безбедност на сообраќајот на автопатиштата (NHTSA), компанијата пријавила уште пет несреќи поврзани со својата услуга Robotaxi, со што вкупниот број документирани судири достигна 14 откако сервисот почна да работи во јуни минатата година. Новите инциденти се случиле меѓу декември 2025 и јануари 2026 година и вклучуваат судир со фиксен објект при брзина од околу 27 километри на час, удар во автобус додека возилото било во мирување, контакт со камион при мала брзина, како и два случаи во кои автомобилот удрил во столб или дрво.

    Поради тоа што „Тесла“ ги редактира деловите од извештаите што ги смета за доверливи, јавноста нема целосна слика за околностите во секој од овие случаи. Сепак, бројките сами по себе привлекуваат внимание. Според пресметките базирани на податоците што компанијата ги објавила во финансиските резултати за четвртиот квартал од 2025 година, флотата на роботакси до средината на јануари поминала околу 800.000 милји. Тоа значи дека, во просек, се случува еден судир на секои 57.000 милји.

    За споредба, во извештаите за безбедност на „Тесла“ се наведува дека просечен американски возач доживува судир на секои 229.000 милји. Според оваа споредба, роботаксито се соочува со несреќи четири пати почесто од човек зад воланот.

    Разликата е уште поизразена кога ќе се спореди со конкурентот Waymo. Нивната флота, која има поминато повеќе од 127 милиони милји без возач во неколку големи американски градови, бележи по еден судир на околу 98.000 милји. Дополнително, Waymo управува со повеќе од 2.000 возила, додека „Тесла“ располага со значително помала флота, ограничена на една урбана зона. Автомобилите на Waymo функционираат без возач и без надзорник во возилото, додека кај „Тесла“ имаше информации дека во одредени случаи се користеле дополнителни безбедносни мерки, вклучително и возило што ги следи роботаксите.

    Новите податоци откриваат и друг проблем. Во ажурирана верзија на извештај за несреќа од јули 2025 година, првично означена како инцидент со „само материјална штета“, подоцна било наведено дека имало „лесна повреда со хоспитализација“. Корекцијата била поднесена речиси шест месеци по настанот.

    NHTSA претходно започна истрага против „Тесла“ поради доцнење во пријавување на несреќи. Компанијата има право да редактира делови од извештаите за да заштити деловни информации, но критичарите велат дека тоа ја намалува транспарентноста во момент кога јавноста внимателно ја следи безбедноста на автономните системи.

    Автономното возење сè уште се развива и компаниите тврдат дека технологијата ќе стане побезбедна со текот на времето. Сепак, актуелните бројки покажуваат дека патот до целосна доверба во роботаксите е подолг и покомплексен отколку што првично се претставуваше.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично