Речиси сите банки во земјава кредитните картички ги издаваат без надомест. Вистинската разлика на овој пазар се гледа кај годишната членарина. Според податоците достапни за споредба на веб-страницата на Народната банка, уписнината најчесто не повлекува трошок, но предвидените годишни давачки значително варираат – од неколку стотици до неколку илјади денари, зависно од видот на картичката и секако, од банката.
Без провизија кредитна картичка може да се добие во Алта банка, ПроКредит банка, Силк Роуд банка, Стопанска банка Скопје (за Mastercard Standard и Visa), УНИ банка, Централна кооперативна банка и Шпаркасе банка.
Капитал банка наплатува 300 денари, исто како и НЛБ банка за Mastercard Happy. Во Халк банка таа услуга чини 200 денари, додека во Комерцијална банка од 150 до 200 денари.
ТТК банка не наплатува при издавање, но за обнова се плаќа 150 денари.

Што се однесува до годишната членарина, тарифите се од 695 до 2.500 денари.
Највисок редовен надомест има Силк Роуд банка за AMEX Gold – 2.500 денари, додека AMEX Green чини 1.500 денари, а Visa 900 денари.
Алта банка наплатува 1.500 денари за Mastercard Standard, на 12 месечни рати по 125 денари, со можност за ослободување од членарина наредната година ако годишниот промет надмине 100.000 денари. ПроКредит банка и Шпаркасе банка исто така имаат членарина од 1.500 денари. Кај првата без надомест првата година и при годишен ПОС-промет над 125.000 денари.
Централна кооперативна банка и Халк банка наплатуваат по 1.200 денари годишно. Сепак, корисниците на кредитна картичка од Халк банка не плаќаат членарина за првата година, како за реализиран промет над 150.000 денари. Сличен е примерот и на ТТК банка – 1.200 денари годишно на 12 рати, а ослободување од обврската следи при годишен промет од над 100.000 денари и во првата година за одредени картички.
Тарифата на НЛБ банка (Mastercard Happy) е 900, а во Комерцијална банка од 900 до 960 денари.
УНИ банка наплатува 30 евра во денарска противвредност. Стопанска банка Скопје не наплатува членарина во првата година, а понатаму надоместот зависи од начинот на добивање месечни извештаи – 695 денари по електронска пошта, 895 денари по пошта, со пониски износи за пензионери. За првата година ништо не наплатува и Капитал банка, а потоа износот е 125 денари.

Годишната членарина е трошок кој корисниците го прифаќаат како еден од условите за добивање кредитна картичка. Сепак, разликата меѓу најнискиот и највисокиот годишен надомест може да достигне и повеќе од 1.500 денари. Оттаму, пред да се направи конечниот избор, добро би било да се споредат тарифниците.
М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








