Има значителни разлики кај провизиите за плаќање во евра во странство. Цените зависат од банката, од износот и од каналот преку кој се извршува трансакцијата – интернет, мобилна апликација или на шалтер. Од податоците на Народната банка, наменети за информирање на граѓаните, забележливо е дека новата можност – СЕПА трансферите се убедливо поевтина опција во однос на плаќањата преку коресподентското банкарство (SWIFT).
Интернет банкарство: СЕПА од 60 до 600 денари
Кај дел од банките, интернет трансферите преку СЕПА се движат од симболични 60 денари (Комерцијална банка и УНИ банка за пониски износи), до 200–600 денари кај други банки, тарифите се базирани на висината на износот.
Кај НЛБ банка, на пример, СЕПА чини 60 денари за износ до 50 евра, 310 денари до 3.000 евра и 620 денари над 3.000 евра. Централна кооперативна банка наплатува 200 денари, Халк банка 250 денари, а Силк Роуд банка 600 денари.
За разлика од тоа, плаќањата преку коресподентското банкарство се пресметуваат процентуално – од 0,2 до 0,5 отсто од износот, со утврдени минимални и максимални прагови, плус дополнителни SWIFT трошоци (најчесто од 300 до 350 денари), како и евентуални трошоци на странски банки.
Според НБРСМ, оваа услуга преку интернет не е достапна во Алта банка, ТТК банка и Шпаркасе банка.

Мобилна апликација: Исти или пониски трошоци од интернет
Кај банките што нудат мобилно плаќање во евра во странство (Капитал, НЛБ, Силк Роуд, УНИ и ЦКБ), тарифите се главно идентични со интернет банкарството.
Особено се издвојува СЕПА каналот, каде што НЛБ за трансакции до 50 евра преку мобилна апликација не наплатува провизија, додека кај останатите банки цените на услугата се движат од 60 до 600 денари, зависно од износот.
Коресподентските плаќања и тука се поскапи, со процентуална пресметка и дополнителни фиксни надоместоци.
Услугата преку мобилна апликација не е достапна кај останатите седум банки.

Шалтер: Највисоки провизии, особено за SWIFT
Плаќањето на шалтер е најскапата опција, особено за трансакциите преку коресподентското банкарство. Провизиите најчесто се движат од 0,3 до 0,6 проценти од износот, со минимални прагови што достигнуваат 40, 60, па и 300 евра за високи суми.
Дополнително, се наплатуваат SWIFT трошоци од 300 денари, како и OUR трошоци кои, кај одредени банки, достигнуваат 600 или 1.200 денари.
Кај СЕПА трансферите на шалтер, надоместоците повторно се значително пониски. Зависно од зиносот, најчесто се од 60 до 620 денари. Комерцијална банка наплатува од 60 до 600 денари, ТТК банка 250 денари, Халк банка 250 денари, ЦКБ 300 денари, а Шпаркасе банка од 60 до 620 денари.

М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








