Подигањето готовина од банкомат – било од матичната банка, од друга банка во земјава или во странство, може да чини од нула до 4 проценти од износот, што се должи на видот на картичката и на банкарскиот тарифник.
Кога за таа намена се користи дебитна картичка, услугата е бесплатно кај сите домашни банки, со исклучок на една. Централна кооперативна банка наплатува надомест од седум денари по трансакција. Кај Стопанска банка Скопје, пак, не се наплатува за дебитните Мастеркард и Виза.
Наспроти тоа, доколку кеш се повлекува со кредитна картичка, провизии има, а се во опсег од 2 до 4 проценти. Проследени се со различни минимални износи и фиксни додатоци утврдени во евра, што се наплатуваат во денарска противвредност. Тоа, пак, може значително да ја зголеми цената на услугата.
Ова се однесува за подигање готовина од банкомат на банката што ја издала картичката.
За да се обезбеди прегледност и споредливост, Народната банка ја воведе можноста секој граѓанин да се информира пред да пристапи кон банкарските услуги.
Токму од тие податоци е воочливо дека најниската стапка при повлекувањето кеш од банкомат со кредитна картичка ја пресметува Шпаркасе банка – 2 проценти, при што минималниот износ на провизијата е 200 денари. Во овој дел, на истата линија е и Централна кооперативна банка.
Според податоците што се однесуваат на практиката во Стопанска банка, тие два проценти ги опфаќаат кредитните Мастеркард и Виза картички. Со таа разлика што кај првите минималниот праг на провизијата е утврден на 100 денари, а кај вторите се наплатуваат плус 100 денари.
И Капитал банка е со стартните 2 проценти, кон кои се додаваат 250 денари. На пример, за повлечени 5.000 денари се наплатуваат вкупно 350 денари. Сто денари од пресметаните 2 проценти на износот и фиксно одредените 250 денари.
Износот што по оваа оснога го наплаќа Алта банка не може да е понизок од 200 денари, но овде процентите се нешто повисоки – 2,5 насто.
Следат шест банки каде основата за наплата се 3 проценти од износите што се повлекуваат од банкомат. Притоа, кај Халк банка минималниот износ за услугата е 200 денари, а кај Комерцијална банка 300 денари. Тоа значи дека при повлекување 5.000 денари, кога 3 проценти изнесуваат 150 денари, ќе се наплатат 200, односно 300 денари. При повисоки износи, на пример 15.000 денари, кога 3 проценти се 450 денари, ќе се примени процентуалната пресметка бидејќи го надминува минималниот праг.
Во оваа група е и ТТК банка, со таа разлика што се одредени фиксни 200 денари со кои се надополнува сумата добиена по пресметаните 3 проценти. Исто така и УНИ и ПроКредит банка, само што кај нив се одредени дополнителни износи во евра – три, односно четири евра во денарска противвредност.
Кај Силк Роуд банка провизијата зависи од типот на кредитната картичка. За VISA се наплатуваат 3 проценти од повлечениот износ, но најмалку 250 денари, додека за AMEX провизијата изнесува 2 проценти, со минимален износ од 200 денари.
Процентите се највисоки за корисниците на кредитните картички издадени од НЛБ банка. Условите за повлекување кеш од банкомат се наплата на 4 проценти од износот, но не помалку од 260 денари.

Користењето банкомат што не припаѓа на банката издавач на картичката значително ги зголемува трошоците за клиентите. Провизиите најчесто се движат од 2 до 4 отсто од износот, со дополнителни фиксни минимални надоместоци.
Со дебитна картичка, услугата е бесплатна само во УНИ банка. Поволни се условите и во ПроКредит банка, која овозможува три бесплатни трансакции месечно, по што секоја наредна чини 100 денари.
Халк банка не наплатува провизија за примателите на плата, додека за останатите клиенти надоместот е 3 проценти или минимум 200 денари.
Кај останатите банки провизиите најчесто се 2 до 3 проценти, но со различни минимални износи: Комерцијална, Стопанска Скопје и Алта (2 %), со утврдени минимуми на 60, 70, односно 250 денари.
По 3 проценти пресметуваат НЛБ банка (минимум 200 денари), Силк Роуд банка (+ 200 денари), ТТК банка (+ 200 денари), Капитал банка (+ 250 денари) и Шпаркасе банка (минимум 300 денари).
Трошоците се повисоки кога картичката е кредитна. Провизиите се движат од 2 до 4 насто, со повисоки минимални износи.
Највисока процентуална провизија има НЛБ банка – 4 насто (минимум 300 денари). Комерцијална банка наплатува 3,5 проценти (минимум 350 денари), додека ТТК банка 3,5 проценти плус 200 денари.
Исто така по 3 проценти пресметуваат: ЦКБ (минимум 200 денари), Капитал банка (+ 250 денари), Алта банка и Шпаркасе банка (минимум 300 денари), ПроКредит банка и УНИ банка наплатуваат дополнително по 4 евра во денарска противвредност.
Силк Роуд банка има различни тарифи во зависност од картичката – 3 насто (минимум 250 денари) за Visa и 2 насто (минимум 200 денари) за AMEX, а Стопанска банка Скопје 2,5 насто (минимум 250 денари).

Повлекувањето готовина од банкомат на друга банка во странство е најскапата опција за клиентите. Освен процентуалната провизија, дел од банките наплатуваат и дополнителен фиксен износ во евра, што значително го зголемува трошокот, особено кај помали износи.
Кај дебитните картички провизиите најчесто се движат од 2 до 3 три проценти, а проследени се со различни минимални надоместоци.
По 2 проценти наплатуваат три банки: Алта банка со утврден минимум од (250 денари); Комерцијална банка со минимални 200 денари и Стопанска банка Скопје, каде што на износот од пресметаните проценти се додаваат уште 150 денари.
НЛБ банка и Халк банка имаат провизија од 3 насто (минимум 200 денари), како и Шпаркасе, но со минимум 300 денари. Капитал и ТТК банка наплатуваат исто (3% + 250 денари).
Кај две банките е предвиден фиксен надомест во евра, кој се плаќа во денарска противвредност: ПроКредит банка (3% + 3 евра) и УНИ банка (2% + 2 евра).
Силк Роуд банка наплатува 3 насто и 250 денари, а ЦКБ 2 проценти, при што минимумот е 350 денари.
Повлекувањето готовина во странство со кредитна картичка е уште поскапо. НЛБ банка наплатува 4 насто (минимум 300 денари), и тоа е е највисоката процентуална провизија.
Комерцијална пресметува по 3,5 проценти од повлечениот износ, со минимални 350 денари, а исто и ТТК и Халк банка, само што кај нив минимумот е 250 денари.
Банките што наплатуваат по 3 проценти се: ЦКБ (минимум 200 денари), Алта и Шпаркасе (минимум 300 денари) и Капитал (+ 250 денари). Тој процент е застапен и кај ПроКредит и УНИ банка, дополнет со плус 4 евра (во денарска противвредност).
Силк Роуд банка има различни тарифи – 3,5 проценти (минимум 300 денари) за Visa и 3 проценти (минимум 250 денари) за AMEX. Стопанска банка Скопје наплатува 2,5 проценти (минимум 250 денари).

Разликите меѓу банките не се симболични, кај повлекување од 10 или 20 илјади денари, на пример, разликата во провизијата може да достигне повеќе стотици денари. Особено внимателни треба да бидат корисниците на кредитни картички и оние што подигаат готовина во странство. Во тој случај многу е поисплатлива опцијата директно плаќање со картичка.
М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








