
Со амбиција за продлабочување на економските врски и отворање на нов простор за извозниците од двете страни, Соединетите Американски Држави и Македонија постигнаа Рамковен договор за реципрочна, фер и избалансирана трговија. Заедничката изјава, објавена од Белата куќа, го трасира патот кон сеопфатен договор што предвидува царински стапки не повисоки од 15 проценти, а за одредени производи и индустрии и целосно укинување на царините.
Во сржта на договореното е асиметричен, но реципрочен пристап. Македонија се обврзува да ги укине царинските давачки за сите индустриски и земјоделски производи од САД што се извезуваат на македонскиот пазар. Од американска страна, пак, ќе се задржат реципрочните царини на ниво од 15 проценти за производи со потекло од Македонија, согласно Извршната наредба 14257 од 2 април 2005 година, со измените. Истовремено, Вашингтон ќе идентификува производи од листата наведена во Анекс III кон Извршната наредба 14346 од 5 септември 2025 година за кои може да се применува реципрочна царинска стапка од нула проценти. По склучувањето на договорот, двете земји оставаат простор и за дополнителни прилагодувања на царините, земајќи ги предвид трговските биланси и други релевантни фактори.
Покрај царините, фокусот е ставен и на нетарифните бариери. Двете влади ќе работат на адресирање на загриженостите на САД во врска со регулаторни и други пречки што влијаат врз билатералната трговија, особено во приоритетни области. Предвидени се и редовни консултации за справување и спречување на бариери за американските земјоделски производи на македонскиот пазар.
Економската соработка не се ограничува само на трговијата со стоки. Во документот се нагласува и зајакнување на соработката во областа на економската и националната безбедност, со цел унапредување на отпорноста на синџирите на снабдување и поттикнување на иновациите. Во таа рамка, двете страни ќе преземаат комплементарни мерки за справување со нетржишни политики на трети земји, ќе соработуваат во спречување на избегнување на царини, како и во процесите на преглед на инвестиции и контрола на извозот. Дел од обврските се однесуваат и на обезбедување дека меѓународните правила за јавни набавки ќе им користат само на држави што ги имаат преземено истите обврски.
Енергетиката е посебно издвоена како стратешка област. Двете земји го нотираат започнувањето на изградбата на нов гасен интерконектор меѓу Македонија и Грција, кој треба да ја зајакне енергетската безбедност на земјата и да овозможи диверзификација на изворите на снабдување, вклучително и преку набавка на американски течен природен гас. Македонија ќе започне со купување на американски LNG по завршувањето на интерконекторот.
Во рамките на договорот, Скопје се обврзува да усвои и одржува високо ниво на заштита на животната средина и доследно да ги спроведува своите еколошки закони. Планирани се разговори и за заштита и спроведување на правата од интелектуална сопственост, вклучително и прашањата поврзани со географските ознаки, како и за соработка во областа на трудот.
Значајно место има и дигиталната економија. Македонија се обврзува да не воведе данок на дигитални услуги и да го поддржи усвојувањето на траен мораториум за царински давачки на електронски преноси во рамките на Светската трговска организација. Дополнително, земјата ја потврдува својата посветеност кон Заедничката иницијатива на СТО за внатрешна регулатива во областа на услугите, со што се потенцира важноста на олеснување на трговијата со услуги и воспоставување високи стандарди во дигиталната трговија.
САД и Македонија најавуваат дека ќе работат на финализирање на текстот, негова подготовка за потпишување и спроведување на внатрешните процедури пред договорот да стапи во сила. Според заедничката изјава, целта е јасна – продлабочување на трансатлантското партнерство, поддршка на заедничките стратешки интереси и отворање нова фаза во економските односи меѓу двете држави.
(Фото: CEPA)
Аналитика








